February 3, 2023 21:31
Македонија

Пендаровски во посета на Врховната команда на сојузничките сили за Европа на НАТО

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Монс, Белгија ја посети Врховната команда на сојузничките сили за Европа на НАТО, каде оствари средба со Врховниот командант, генерал Кристофер Каволи.

На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со тековните активности на командата и зајакнувањето и прилагодувањето на силите по почетокот на руската воена инвазија на Украина, во насока на заштита на НАТО сојузниците и намалување на ризикот од проширување на конфликтот.

Претседателот Пендаровски ја реафирмираше подготвеноста на државата да даде свој активен придонес во напорите на Алијансата насочени кон исполнување на стратешките цели, во одржувањето на регионалната безбедност и зацврстување на единството во НАТО. Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија, во рамки на своите капацитети, ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош на Украина, со крајна цел прекин на воената агресија, одбрана на демократските вредности и воспоставување на мир.

Генералот Каволи се заблагодари за севкупната поддршка што Република Северна Македонија, како членка на НАТО, ја дава во напорите на Алијансата за одржување на безбедноста на евро-тлантскиот простор.

Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски оствари средба со припадници на Армијата на Република Северна Македонија распоредени во Врховната команда на сојузничките сили за Европа.