August 13, 2022 20:25
Спорт

Пеналите ги промовираа полуфиналистите во Купот на Македонија

Бранителот на трофејот во македонскиот фудбалски Куп , второлиогашот Силекс, Струга ТЛ и Македонија ЃП се полуфиналистите во фудбалскиот Куп на Македонија. Сите три екипи со подбро изведување на пенали откако средбите завршија без победник ги елиминираа Брегалница, Шкендија и Шкупи. Четвртиот патник во полуфиналето ќе биде познат по одигрувањето на дуелот Пелистер – Вардар кој денеска беше одложен поради снег на теренот и  немање соодветни услови во Битола да се игра фиудбал.

Второлигашот Силекс ја продолжува трката за одбрана на трофејот  откако ја елиминира Брегалница. Главните конкуренти да му го одземат големиот преоден пехар на ФФМ, актуелниот шампион Шкендија од Тетово и лидерот во прволигашката конкуренција Шкупи се, елиминирани од Струга ТЛ односно Македонија ЃП.

Сите три денешни средби од четвртфиналето кое се игра во еден натпревар завршија без победник, па пенал-рулетот ги одлучуваше патниците во полуфиналето. Натпреварите Шкендија – Струга Т.Л. и Македонија ЃП – Шкупи завршија без голови (0:0) во регуларниот дел, а во Кратово, Силекс и Брегалница по еднаш ја затресоа противничката мрежа (1:1). Брегалница поведе со гол на Ѓокиќ, а Силекс израмни преку Каланоски.

Во Ѓорче Петров, Македонија ЃП победи со 4:1 на пенали. Марјан Радески и Фреди Алварез промашија два пенали за чаирчани и „лавовите“ дојдоа до ново полуфинале во Купот на Македонија.

Шкендија во Тетово загуби со 3:4 во пенал серијата од Струга Трим Лум. Решавачка беше петтата серија, откако дотогаш двата тима дадоа по три гола од белата точка и по еднаш промашија. Давор Талески му го одбрани ударот на Валмир Нафиу, за стружани да одат понатаму.

Марјан Алтипармаковски во шестата серија беше прочитан од Даниел Божиновски и Силекс победи со 5:4 на пенали.

Резултати од четвртфиналето во Купот на Македонија

Македонија ЃП – Шкупи 4:1 на пенали (0:0)

Шкендија – Струга Трим Лум 3:4 на пенали (0:0)

Силекс – Брегалница 5:4 на пенали (1:1)

Пелистер – Вардар одложена