February 3, 2023 11:27
Свет

Пекинг воведува негативен тест за коронавирус за пристап до сите јавни места

Пекинг и уште неколку други кинески градови на почетокот на месецов најавија дека ќе ги олеснат строгите анти-ковид ограничувања во услови на зголемен гнев поради политиката „нулта-ковид” на кинеската Влада, но инфекциите продолжуваат да растат.

Жителите на Пекинг од четврток ќе мора да докажат дека се негативни за да влезат во која било јавна зграда.

Властите на кинескиот главен град соопштија дека за влез во трговски центри, хотели, владини згради и фабрики, ќе биде потребен доказ за негативен тест за коронавирусот во претходните 48 часа.

Одлуката доаѓа по порастот на бројот на инфекции, што предизвикува загриженост за националната економија.

Кина вчера пријави 28.127 нови случаи на коронавирус и со оваа бројка се приближи до највисокиот дневен биланс на нови инфекции регистрирани во април.

Во главниот град Пекинг, бројот на заболени секојдневно достигнува нови највисоки нивоа, поради што градските власти апелираа до граѓаните да останат во своите домови.

За првпат од мај, регистрирани се и два смртни случаи кои здравствените власти му ги препишаа на Ковид-19 и три беа потврдени во текот на викендот.