February 24, 2019 04:42
Македонија

Пасошите привремено добиваат печат на Северна Македонија, регистрациите налепници со „НМК“

По оддржаниот прв состанок, Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите со Грција, донесе одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на обврските произлезени од Преспанскиот Договор и уставните измени.

Одлучено е Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена. Понатаму, секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.

Како трета точка е наведено, генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.

Од Меѓуресорската работна група порачуваат до сите институции дека ќе треба да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од 3 дена, а сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.

Министерството за надворешни работи, се наведува во соопштението, треба да ги замени таблите во министерството како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.

Во однос на Министерството за внатрешни работи наведено е дека тоа ќе треба да започне со издавање на нови регистерски таблички, во рок од четири месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака ‘NMK” за регистерските таблички на возилата.

„Министерството за внатрешни работи да ги преземе потребните мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање на нови патни исправи. Издавањето на нови пасоши да започне од крајот на 2019 година. Во преодниот период, Министерството за внатрешни работи при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе биде ставен печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија“, се додава во владиното соопштение.

Во делот на Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, ќе треба да се направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност; првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020г. и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.

Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.

Понатаму одлучено е во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.

Во рок од 6 месеци одлучено е да се пристапи и кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени.

Related posts

Подгрупата за реформи разгледала 20-тина реформски закони, за кои е потребно двотретинско мнозинство

Filip

Бектеши-Почивалшек: Со заеднички проекти за понатамошна плодна економска соработка меѓу Македонија и Словенија

24news

Дете повредено од струен удар, вклучувало канделабра на бандера

Igor