April 8, 2020 10:28
Балкан

Парламентот го поддржа Додик: Ѓукановиќ во БиХ и Фронтекс на границата штетни за интересите на РС

Народното собрание на Република Српска ја поддржа утринава одлуката на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, да стави вето на поканата од другите два члена на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, претседателот на Црна гора, Мило Ѓукановиќ, да ја посети БиХ на почетокот од март.

Со двотретинско мнозинство е поддржано и ветото на Додик во Претседателството на БиХ за прифаќање на Спогодбата за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите што ги спроведува Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) за територијата на БиХ.

Заклучокот го потпишаа СНДС, ДНС, ДЕМОС, НДП, Обединета Српска, Независнкиот клуб на СП, пратеничката група на СП и независните пратеници. Пратениците на опозициските СДС и ПДП не присуствуваа на гласањето.

Парламентот усвои два заклучока. Во првиот се наведува дека Спогодбата за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите на Фронтекс во најголем дел не е спорна за Република Српска, но неприфатливо е да биде усвоена без согласност и учество на МВР на Република Српска.

Со оглед на тоа дека во негова надлежност е најголемиот дел од граничниот појас на кој се однесува спогодбата, како и поради фактот дека има обид спогодба од вакво значење да се усвои со прегласување на член на Претседателството на БиХ од РС.

Во вториот заклучок е наведено дека се задолжува српскиот член на Претседателството на БиХ, во согласност со овластувањата и со Законот за заклучување и извршување на меѓународните договори, да покрене нова иницијатива и преговоди за склучување спогодба за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите на Фронтекс во БиХ со задолжително почитување на мислењата и ставовите на надлежните органи на Република Српска.