December 6, 2021 16:44
Свет

Парламентарните избори во Ирак забележаа рекордно ниска излезност на гласачите

Излезноста на изборите во Ирак падна на рекордно ниско ниво во услови на раширена фрустрација од политичката елита во земјата, јави ДПА.

Четириесет и еден процент од избирачите со право на глас го дадоа својот глас, соопшти денеска ирачката Изборна комисија во прелиминарниот извештај.

Бројката е најниската излезност на петте избори откако долгогодишниот владетел Садам Хусеин беше соборен од власт во 2003 година, а претходното најниско ниво од 44,5 проценти беше забележано во 2018 година.

Парламентарните избори се одржани неколку месеци предвреме како одговор на протестите кои повикуваа на реформи.

За денеска се очекуваат првичните резултати од изборите, втори одржани во Ирак откако земјата пред речиси четири години прогласи воена победа над терористичката Исламска држава.

Ирак, богат со нафта, со години се бори со економска и политичка криза.

Набљудувачите на изборите, исто така, го припишуваат нискиот одѕив на големото распоредување на безбедносните сили на денот на изборите. Според официјалните податоци, на улица биле испратени повеќе од 250.000 припадници на обезбедувањето.

Се чини дека безбедносните напори ги одвратија луѓето од гласање, според шефот на набљудувачите на изборите од ЕУ, германската европратеничка Виола фон Крамон.