January 21, 2021 03:23
Свет

Папата Франциско прв пат го призна кинескиот прогон на Ујгурите

Папата Франциско прв пат го призна прогонот што кинеската Комунистичка партија (ККП) го врши врз Ујгурите муслимани во новата книга за животот по Ковид-19.

Во својата претстојна книга „Ајде да сонуваме: Патот кон подобра иднина“, папата наведува дека „често мислам на прогонувани народи: Рохинџите, сиромашните Ујгури, Јазидите“, изненадувачки скршнувајќи од својата непишана политика никогаш да не ја критикува Кина.

ККП стави еден до три милиони Ујгури и други етнички малцинства во концентрациони логори, за каде што има веродостојни извештаи за генетско тестирање, собирање органи, тортура и за принудни абортуси. Иако понтифот редовно го критикува кршењето на човековите права низ целиот свет, тој студиозно избегнуваше сè што може да се протолкува како критика за Пекинг, и ова е првпат тој да се обиде да ги вклучи Ујгурите меѓу оние кои страдаат од прогонства.

Минатиот декември, во својата годишна Божиќна порака, папата се молеше за проблематичните региони во светот, сеќавајќи се на сите кои страдаат од прогонство, а сепак никаде во исцрпната листа не беше споменато прогонството на верниците во Кина.

Во своите молитви, папата ги наведе Блискиот исток, сирискиот народ,либанскиот народ, Ирак, Јемен, целиот американски континент, народот во Венецуела луѓе,  Украина, народите во Африка, Демократска Република Конго, Буркина Фасо, Мали, Нигер и  Нигерија. Забележливо беше отсуството во молитвата на кинеските христијани, членовите на Фалун Гонг, демонстрантите од Хонг Конг или муслиманите Ујгури, кои трпат постојана репресија од Пекинг.

Во 2017 година, папата славно ја бранеше религиската слобода во Кина иако групите за човекови права во светот го осудуваа режимот во Пекинг за огромна репресија на верската практика. Во интервју за „Ел Паис“, папата рече дека би сакал да ја посети Кина штом го поканат.

„Во Кина црквите се полни. Таму можете да ја практикувате вашата вера“, тврдеше тој.

Зборовите на папата ги повтори и неговиот аргентински бискуп Марсело Санчез Сорондо, кој раководи со Папската академија за општествени науки во Ватикан и кој имаше слични блескави пофалби за комунистичкиот режим. На почетокот на 2018 година, Сорондо го изненади светот велејќи дека Кина во пракса го создала најдобриот модел на католичко социјално учење денес.

Изјавите на Санчез предизвикаа остро критикување од експертот за Кина, отец Бернардо Сервелера, директор на „Азија њуз“, кој го прозва Аргентинецот за неговото смешно впздигање на кинеското општество, со ја изложил Католичката црква на потсмев. Во остриот коментар под наслов „Бискупот Санчез Сорондо во земјата на чудата“, отец Сервелера рече дека Санчез бил целосно амаен од кинеските власти при својата единствена посета таму, покажувајќи му точно што сакал да види и ништо друго.

„Во своето незнаење, бискупот Санчез ја опишува Кина како земја на чудата што не постои“, напиша Сервелера, „во измислен расказ за земја без сиромашни квартови, без дрога и без угнетување“.„Да не зборуваме дури и за верската слобода во Кина. Верската слобода треба да биде столб на социјалната доктрина на Католичката црква. Можеби треба да му предложиме на бискупот да ги чита дневните вести за насилство, апсења на христијани, муслимани, будисти, злоупотреби врз домашни цркви и контроли врз официјалните цркви“.

„Можеби треба некој да му каже на Сорондо дека од 1 февруари, со имплементацијата на новите регулативи, сите неофицијални цркви се затворени и најмалку 6 милиони католици веќе немаат каде да се молат. Покрај тоа, локалните власти сега забрануваат малолетни лица на возраст под 18 години да влегуваат во цркви, дури и официјални. Како што рече еден свештеник, ‘Кина ја претвори црквата во ноќен клуб, само за возрасни“, додаде свештеникот.

Франциско сонува да биде папата кој ќе воспостави дипломатски односи со Пекинг и за да ја постигне оваа цел е подготвен да направи „отстапки“, изјави во декември минатата францускиот аналитичар на Ватикан, Албан Микози.Изминатиот јули, Форин Аферс објави остра статија во која се забележува како истакнати Евреи биле подготвени да ги повикаат кинеските злосторства кон Ујгурите муслимани за разлика од тишината на Католичката црква.

Претседателот на Одборот на заменици на британските Евреи, Мари ван дер Зил, направи споредби помеѓу маките на Ујгурите во Кина денес и холокаустот, забележа Бенедикт Роџерс во својот напис, а сепак од Ватикан не е донесено такво обвинение.

Сега, за прв пат, постои мала светлина на надеж дека ова може да се промени. Додуша, една реченица скриена во книга – едноставно признание за страдањата на прогонетите Ујгури муслимани – не е толку моќна како формалната декларација. Сепак, кога некој гладува, и трошките се гозба.