December 9, 2022 00:10
Спорт

Пандев: ФФМ стана приватна федерација и ако нешто не се промени ќе назадуваме

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев заврши со играњето, репрезентативно и клупско. Останува во фудбалот, но се уште не се одлучил која функција ќе ја одбере во новото фудбалско поглавје. Се произнесе дека нема намера да биде тренер, но дали ќе заплови во менаџерските или директорските води Пандев дополнително ќе одлучува. Во мак-фудбалот има фудбалски клуб „Академија Пандев“.

Пандев (39 г.) е фудбалерот кој одигра најмногу натпревари за македонската репрезентација -122 и постигна најмногу голови -39. Како капитен ги предводеше „црвено-жолтите“ до првиот историски настап на една завршница од големите натпреварувања – Европското првенство кое се одржа минатат година ширум стариот континент.

Пандев за „Студио 10“ на ТВ 24, открива дека сакал со семејтвото да остане да живее во Италија, оти им било убаво и сите го зборуваат јазикот.

За македонската фудбалска репрезентација Пандев вели дека му било голема чест и задоволство да игра и дека никогаш никој не можел да го спречи да дојде и да биде дел од селекцијата. Пандев е загрижен за состојбата која владее во и околу ФФМ.

-Луѓето ја препознаваат мојата вредност, иако има и такви кои ја игнорираат. Се надевам дека добро ја претставував Македонија и на сите им благодарам што ме поддржуваа. ФФМ стана приватна фудбалска федерација и мислам дека ако нешто бргу не се промени, не само што нема да напредуваме како репрезентација туку и ќе назадуваме. Јас не сакам да се мешам во политички работи, а кај нас во Македонија во сѐ има политика. Веројатно затоа играчите и заминуваат. Но, таа атмосфера ја создава ФФМ. Сите го знаат тоа, но никој не сака да излезе и јавно да го каже тоа. Потребни ни се луѓе кои сакаат да успеат во спортот, вели Пандев.