September 30, 2020 16:18
Спорт

Пандев во 2020 година сака да избори пласман на ЕП и опстанок со Џенова

Пласман со македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство и опстанок со Џенова во Серија А. Ова се двете спортски цели на Горан Пандев за 2020 година за кои се надева дека ќе бидат остварени.

Затоа и полуфиналето против Косово на 26 март на домашен терен во плејофот во Лигата на нации го опиша како натпревар на неговиот живот. Со евентуалната победа, ќе има можност да го предводи националниот тим и во финалето со подобриот од мечот Белорусија – Грузија во кој ќе се одлучува за патникот на завршниот турнир од Д дивизијата.

Но, моментно е фокусиран на настапите за Џенова која ја очекува неизвесна борба за опстанок во најквалитетното италијанско фудбалско друштво. Затоа го потенцира опстанокот во Серија А како приоритет на клупски план оти, како што вели, трансфер во понизок ранг би било лош за највозрасниот клуб во Италија, но и за него лично во кариерата.