August 13, 2022 17:44
Македонија

Панајотов: Во интерес на САД е да нема проблеми меѓу Бугарија и Северна Македонија

Новиот бугарски амбасадор во Соединетите Американски Држави, Георги Панајотов, кој беше вршител на должноста министер за одбрана во двете влади, минатата година, му ги предаде акредитивните писма на американскиот претседател Џо Бајден. Тој за БНТ изјави дека се уште нема реакција во САД на одлуката што ја донесе бугарскиот Парламент минатата недела, во врска со укинувањето на ветото за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Панајотов, не може да се зборува за притисок за одлука од САД. Нема притисок, дециден беше тој, велејќи дека минатата недела имал разговори со Стејт департментот, како и со американски пратеници и конгресмени.

-Притисок дефинитивно нема, но во интерес на САД е да нема сличен проблем меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, но притисок немаше, изјави Георги Панајотов.

Тој најави дека за неколку дена ќе почне изградбата на првиот ловец Ф-16 за Бугарија во САД.

Американскиот претседател Џо Бајден пред неколку дена и официјално ги прими акредитивните писма на новиот бугарски амбасадор во Вашингтон. Пајотов изјави дека Бајден во разговорот им рекол дека Бугарија и САД се пријатели, сојузници и стратешки партнери.

Според Панајотов, Бугарија може да добие многу од продлабочувањето на односите со САД, кои се лидер на слободниот свет и столб на демократијата, светски шампион во технологија, најбогата земја со единствени воени способности, огромен пазар за стоки и услуги. -Модернизацијата и просперитетот на Бугарија бараат блиска соработка со САД и јас ќе работам за тоа, вели Панајотов.