August 14, 2022 20:40
Македонија

Официјален Париз: Следните денови ќе бидат одлучувачки за отворање на преговорите со Македонија

Француското Министерство за надворешни работи во реакција испратена на прашање на дописникот на МИА, потврдува дека официјален Париз останува мобилизиран на изнаоѓање решение за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.

Официјалната реакција на „Кej д’Орсеј” се чекаше многу долго, прашањето за содржината на францускиот план за надминување на бугарското вето, беше поставено пред дваесетина дена и на неколку пати повторено. Одговорот од француската дипломатија доаѓа по самиот ЕУ-Западен Балкан Балкан и, како што пренесоа повеќе француски медиуми, „очигледното незадоволство и гневот на земјите од Западен Балкан”. Во реакцијата се дополнува она што го рече претседателот Емануел Макрон во Брисел.

„Кej д’Орсеј” најпрво потсетува дека претседателот на Франција Емануел Макрон уште „за време на телефонските разговори што ги имаше на 6 јуни со македонскиот премиер и со бугарскиот претседател, укажа дека е подготвен да им помогне на овие две земји да склучат билатерален договор.”

Во однос на француското директно ангажирање во изнаоѓањето на решение, француското МНР додава „Преземаме многу чекори под нашето претседавање со Советот на Европската Унија со цел да го поддржиме барањето решение за спорот меѓу двете земји и да ја конкретизираме европската перспектива на Северна Македонија.”

На крјот од кратката реакција се нагласува дека „следните денови ќе бидат одлучувачки”.

– Остануваме мобилизирани за да постигнеме избалансирано и заемно прифатливо решение и решени сме, во случај на договор, да организираме меѓувладини конференции меѓу Европската Унија и Северна Македонија, како и со Албанија, наведуваат од Француското Министерство за надворешни работи.