August 9, 2020 05:06
Економија

Откупот на тутунот за Димковски е при крај, за Трипуновски состојбата на терен алармантна

Откупот на тутунот завршува на крајот на овој месец. Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски досега се откупени 97 проценти од количините и дека доколку се одвива со сегашната динамика најдоцна до средината на следната недела треба да биде завршен. Состојбата на терен, пак, за неговиот дополнителен заменик-министер Цветан Трипуновски, е поинаква и има големи количини тутун што не се откупени, а како времето затоплува ќе се намали квалитетот на тутунот.

-Досега се откупени 97 отсто од тутунот. Просечната цена на досега откупениот тутун е 220,45 денари за килограми што е повисока од просечната цена во претходните години. Инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат се активни на терен, а до второстепената комисина нема поднесено ниту една жалба од тутунарите и дека може да ги искористат и тоа право, рече министерот Димковски одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Цветан Трипуновски, пак, во изјава за медиумите рече дека ситуацијата на терен е премногу алармантна и дека постојано апелира, но дека не се сака да се земе предвид таа реалност.

-Има премногу тутун што не е откупен. Не знам тие податоци кој му ги фингира. Состојбата со тутунот на терен е многу алармантна и постои голема веројатност да не биде откупен тутунот. Времето се затоплува, квалитетот му се намалува, доаѓа крајниот рок за откуп и ако не остане откупен тутунот ќе имаме сериозен проблем, изјави Трипуновски одговорајќи на новинарски прашања пред МЗШВ.

За соработката меѓу себе во рамки на техничката Влада, Трипуновски вели дека имале една средба со министерот, додека министерот Димковски посочи дека нивната политика е да нема никаква опструкција во работењето.