September 24, 2019 11:19
Македонија

Осудените за Диво Насеље бараат од Заев да ги приложи доказите дека случајот е политички монтиран

Осудените за случајот Диво Насеље бараат премиерот Зоран Заев да ги приложи доказите дека случајот е политички монтиран, и дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, пишува во заедничката изјава која еден од обвинетите успеа да ја прочита пред судиите на Апелациониот суд.

Таму денеска се одржува седница по жалба на обвинетите, кои предизвикаа скандал порачувајќи дека „Ова е Албанија“ и побараа да ја напуштат седницата, бидејќи како што рекоа на албански јазик не го прифаќаат овој суд и бараат меѓународна истрага.

Обвинетите тврдат дека биле излажани од Артан Груби и Али Ахмети дека можат да се предадат со посредство на ОБСЕ и бараат да биде објавена целата снимка од полициската акција за, како што тврдат, да се види дека командантите Бег Ризај и Мирсад Ндрецај биле убиени откако ѝ се предале на полицијата. Според заедничката изјава, единствена причина за постоењето на групата било разочарувањето од не спроведувањето на охридскиот рамковен договор.

Во заедничката изјава тие бараат да сведочат Никола Груевски, Сашо Мијалков, Али Ахмети, Муса Џафери, како и други функционери од бившата власт.

Седницата на Апелација ќе продолжи без нивно присуство денеска и утре. Јавната седница во Апелација по жалбите на обвинетите од случајот „Диво насеље” продолжи само со тројца од обвинетите откако останатите доброволно ја напуштија седницата..

Четворица од осудените денеска не беа спроведени од затвор, но судот кажа дека дале изјава дека може седницата да се одржи во нивно отсуство.

Според пресудата на Основниот суд Скопје 1 од 2 ноември 2017 година за терористичкиот напад на 9 и 10 мај 2015 година осудени беа 33 лица. Во крвавата престрелка во кумановско Диво Насеље животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, десет членови на вооружената група, а 30 лица беа ранети.

Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.

 

Нови вести

Здруженија за заштита на животни тврдат дека во штипскиот стационар успиваат здрави животни

zane

Владата денеска ќе ја одржи редовната 155-та седница

Igor

Судењето за „Маџар телеком” одложено за 30 септември

Igor