November 25, 2020 12:20
Македонија

Останува на сила поништената аболиција на Иванов

Уставните судии со пет гласа „за” и три против на денешната седница донесоа одлука да се запре постапката за оценување на уставноста на членот 11-а Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.

Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.

Уставниот суд ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, бидејќи смета дека тој е исцрпен и веќе не се применува затоа што важел во рок од 30 дена.

Иницијативата за оценување беше поведена за да се разреши дилемата дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов можел да го повлече помилувањата за 56 лица во 2016 година, повеќето опфатени во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство.