December 3, 2020 02:42
Македонија

Османи – Харадинај: Северна Македонија и Косово претставуваат пример за изградба на трајно и долгорочно пријателство меѓу два соседи од регионот

 Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи оствари средба со министерката за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Мелиза Харадинај-Стубла, која денес го придружуваше претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти за време на неговата официјална посета на Република Северна Македонија.

Османи и Харадинај-Стубла искажаа задоволство од развојот на односите и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и заемна посветеност за градење и зацврстување на добрососедските односи. Целта е соработката да продолжи да се унапредува врз солидни темели, кои обезбедуваат стабилност и просперитет за граѓаните, како и активен ангажман во градењето и оправдувањето на европската перспектива на нашите држави и на целиот наш регион.

„Особено ме радува фактот што нашите блиски односи ќе добијат нова форма на соработка преку испраќање на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР, што секако ќе претставува придонес за понатамошната стабилност на Косово, но и чин на длабока доверба меѓу двете земји”, посочи Османи.

Двајцата соговорници се согласија за потребата од интензивирање на политичкиот дијалог, продлабочување на веќе интензивната економска и трговска соработка, инфраструктурната комуникација и вкупните врски меѓу двете држави.

 „Потребен ни е отворен и посветен дијалог, во рамките на сите регионални механизми за соработка, како што е пристојниот Берлински процес, поддржан од економско – инвестицискиот план на Европската Комисија.”, истакна Османи, поздравувајќи ги притоа најновите чекори и договори меѓу Приштина и Белград во насока на нормализирање на економските односи, а со тоа и отворањето на патот и за решавање и на други прашања како од интерес за двете држави така и регионот во целина.

На средбата беа отворени темите за пандемијата КОВИД19, особено беа разгледани можностите за натамошната координација и соработка во создавањето заеднички регионален одговор во борбата против последиците на Корона вирусот и намалување на економските штети.