November 24, 2020 16:16
Македонија

Османи: Словачка целосно ја подржува европската интеграција на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи имаше телефонски разговор со Иван Корчок, министер за надворешни и европски работи на Република Словачка.Словачкиот шеф на дипломатијата упати честитки до МНР Османи по повод неговото стапување на новата должност.

Овој телефонски разговор е дел од систематската и интензивна дипломатска офанзива на министерот Османи што ја спроведува, во амбиент на зајакната приоритизација на процесот на проширување меѓу земјите членки, тековните дискусии за преговарачката рамка, а со цел создавање силен политички моментум за конечен исчекор во европската агенда на земјата.

„Имаме силна причина да работиме уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за преговорите. Нашите очекувања се до крајот на оваа година да се одржи Првата меѓувладина конференција бидејќи станува збор за остварувања што ќе ја променат иднината на земјата”, нагласи Османи.

Беше поздравена конзистентната позиција на Словачка за Северна Македонија, која се манифестира во секоја прилика во рамките на ЕУ и која се отсликува со безрезервна поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори.

За време на видео средбата стана збор и за соработката на двете земји во рамките на НАТО, справувањето со пандемијата од ковид-19, како и за други прашања од интерес за потесниот и поширокиот Регион.