February 2, 2023 01:44
Балкан

Османи: Приштина напредува во лобирањето да добие признавање од пет земји од ЕУ

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, тврди дека Приштина постигнала напредок во лобирањето за признавање од пет земји од ЕУ кои не го признаваат Косово.

На прашањето дали Приштина применува одредени стратегии или пристапи кон петте земји кои не ја признаваат нејзината независност, Османи за „Евроактив“ вели дека се користи пристап „чекор по чекор“. Таа вели дека Приштина веќе има високо ниво на економска соработка со некои од овие земји, соработува во областа на туризмот и културата и дека има меѓусебно признавање на документите.

„Ќе продолжиме да го применуваме овој пристап кон другите кои не ја признаваат (т.н. независност на Косово), од кои некои имаат поригиден пристап кон Косово, но мислам дека одиме кон тоа, само треба да бидеме трпеливи“ – рече Османи.

Османи рече дека Приштина одлучила да аплицира во декември, додека Чешка сè уште претседава со ЕУ, бидејќи, како што рече, земјата „даде голема поддршка на Косово и регионот“.

Османи рече дека Приштина сака да ги искористи следните години за да се приближи до ЕУ и да ги убеди сите членки на Унијата да го поддржат членството на Косово во ЕУ и да и дадат кандидатски статус, пренесе Танјуг.