November 24, 2020 02:45
Македонија

Османи охрабрен од европратениците за старт на преговори со ЕУ годинава

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од Европскиот парламент ја започна интензивната агенда во Брисел, на средби со влијателни европратеници, претставници на различни политички групи. Во рамките на посетата на Парламентот Османи се сретна со Клара Добрев, потпретседател на Европскиот парламент од Социјалдемократската партија, Михаел Гахлер, германски евро-пратеник и член на Европската народна партија, Ана Фотига, член на АФЕТ и координатор на европските конзервативци и реформатори, Рајнхард Бутихофер, член на АФЕТ и координатор на Зелената партија.

Османи на средбите ги реафирмираше заложбите на Република Северна Македонија за евро-интегративниот процес, но ги презентираше и приоритетите на својата мандатна мисија како предводник на дипломатијата на Северна Македонија.

„Очекувам навремено усвојување на преговарачката рамка, притоа запазувајќи ги принципите на новата методологија во преговарачкиот процес. Ни претстои период на позитивна клима, многу работа, но и мотив за испорачување резултати од реформите на домашен план. Мојот фокус е продлабочување на добрососедските односи не само како наша автентична придобивка, туку и како активен придонес во регионалната соработка како клучна политика за одржување на европската идеја на Балканот.”, истакна Османи.

Од пратениците беше подвлечена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, непречен тек на европската агенда на земјата, усвојување на преговарачката рамка и организација на првата меѓувладина конференција. Тие ја нагласија важноста за континуитет на реформите за создавање позитивна атмосфера за отпочнувањето преговори, при што беше најавено и продолжување на дијалогот Жан Моне, со цел интензивирање на соработката помеѓу политичките партии во насока на инклузивност на процесот преговори. Беше истакнато дека концептот на мултиетничка и мирољубива држава, посветена преку компромис и дијалог да доаѓа до решенија,  се препознава како голем успех и претставува пример не само за регионот, туку и пошироко. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот.

На средбите стана збор и за парламентарната соработка, подготовките за  следниот мешовит парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и Европскиот парламент, а воедно се разговараше и за плановите и временската рамка за подготовка на наредната Резолуција на Европскиот парламент за земјата.

Османи во текот на денот ќе се сретне ѝ со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борељ; а во агендата за денеска се наоѓа ѝ средбата со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западниот Балкан и дијалогот Белград – Приштина.