October 30, 2020 18:16
Македонија

Османи: Не постои ривалство, со Димитров функционираме како тим

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска негираше дека постои ривалство со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Одговарајќи на новинарско прашање, Османи рече дека функционираат како тим и оти вчерашните одвоени средби во Атина не се резултат на ривалство, туку на технички прашања поврзани со агендите.

– И досега функциониравме како тим затоа што одредени прашања се комплементарни и меѓусебно зависни. Секретаријатот за европски прашања е институција која дома институционално ги координира институциите во смисла на испораката на резултати, односно усогласувањето на домашното законодавство со она на Европската унија, а МНР има комплементарна улога во тој процес. Така што и сега ќе продолжи тој процес. Некогаш прашањата се технички во однос на агендата на средби, меѓутоа несомнено е дека целта ни е иста и сите во Владата функционираме како тим. Немајте дилема дека така и ќе биде, истакна Османи.