November 23, 2020 16:55
Македонија

Османи – Логар: Меѓувладина конференција до крајот на годината единствен логичен исход и валоризација за реформските напори на Северна Македонија

Организирањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината ќе претставува единствен логичен исход и валоризација на сите реформски напори на Владата на Северна Македонија и на нејзината конструктивна политика во односите со соседите, порача денеска министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар по средбата со својот македонски колега, министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На заедничката прес-конференција по средбата во Љубљана, Логар уште еднаш ја реафирмираше силната поддршка на Словенија за македонските евроинтеграции.

-Нашите очекувања се високи. Сметам дека со право и ние и граѓаните очекуваме финализација на преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција за време на германското претседателство со ЕУ со што и формално ќе ги почнеме пристапните преговори за членство со Унијата до крајот на оваа година, изјави министерот Османи.

Тој изрази уверување дека по примерот на другите земји кои пристапија во ЕУ во последните две децении, како што е и Словенија, со позитивен пристап и отвореност, ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија.

На средбата, покрај развојот и потенцијалите на билатералните односи, доминираа темите поврзани со европската агенда на Северна Македонија, новата методологија, тековните дискусии за преговарачката рамка за земјата, како и за нашите очекувањата за одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава во рамки на Германското претседателство со ЕУ.

-Ние сме свесни дека за оваа одлука, како и за многу наредни, ќе треба постојано да ја имаме поддршка од сите нашите пријатели внатре во ЕУ, вклучувајќи ги тука и нашите соседи Грција и Бугарија. Верувам дека по примерот и на другите земји кои пристапија во Унијата во последните две децении, како што е впрочем и Словенија, со позитивен пристап и отвореност ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија и нема да дозволиме да биде загрозена европската перспектива на регионот, подвлече Османи.

Шефот на макдонската дипломатија го информираше својот домаќин, министерот Логар, за засилената активност на државата по ова прашање изразена и преку посетата на официјална Софија, како и засилената активност на работата на Мешовитата комисија за историски прашања.

Османи денеска ќе се сретне и со претседателот на словенечкиот парламент, Игор Зорчич, како и со претседателот на Словенија, Борут Пахор кој минатиот месец, кога ја посети Северна Македонија, јасно порача дека Меѓувладината конференција со ЕУ да се одржи веднаш и без одлагање, нагласувајќи дека тоа е приликата што ЕУ не смее да ја пропушти.

Утре Османи заминува во работна посета на Република Хрватска, каде покрај средбата со домаќинот, министерот за надворешни работи, Горан Грлиќ – Радман, ќе оствари средби и со премиерот, Андреј Пленковиќ, како и повеќе средби во рамките на хрватскиот Парламент.