August 7, 2020 17:24
Македонија

Османи: Лажна вест е дека сум рекол оти ќе има војна ако има проблем со Законот за јазици

Вицепремиерот Бујар Осмни во вечерашното гостување во дебатниот магазин “Click Plus” на ТВ21 рече дека никогаш не рекол дека е можно да има војна ако има проблем со Законот за употреба на јазиците. Тој истовремено му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ја избегнува оваа тема на прес конференции.

-Пред 2001 имавме носење на одлуки само од една страна. По 2001 година одлуките се носат со консензус и така треба да биде. Јас не сум кажал дека може да има војна поради Законот за јазиците. Се работи за fake news. Со војните сме завршиле, сега ни треба заеднички јазик, рече Османи.

Тој се осврна и на денешната прес конференција на Мицкоски, кој најави дека неговата партија ќе поднесе амандмани на законот за тој да стане уставен и да е во функција на владеењето со правото, а не правна дивоградба со која Зоран Заев манипулираше со чувствата на граѓаните и сакаше гласови со измама и тоа од Албанците.

-Не сум среќен кога Мицкоски зборува на прес конференција за Законот за јазици. Законот за јазици не треба да биде партиска тема и за тоа да се обидуваат да поентираат. Затоа велам, не му помага на Мицкоски оваа тема, додаде Османи.

Венецијанската комисија, пак, денеска ги објави сите забелешки и препораки за законот, со заклучок дека  Законот за употреба на јазиците излегува од предвидените европски рамки и со клучни препораки во делот на правосудството и казнените одредби и барањето властите во земјава ја преиспитаат употребата на законот преку консултации со сите засегнати страни во земјава.