December 2, 2022 11:47
Македонија

Османи: Информациите дека ќе бидам сменет се лажна вест

Лажна вест е информацијата за моја смена и таа не заслужува никаков коментар, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на наводната понуда за негово разрешување од министерската функција.

Во однос на отвореното писмо од група членови на ДУИ, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.

– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.

Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.

– ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните, додаде Османи.

Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висат Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.

Телевизијата ТВ21 објави дека наводно за да се смират незадоволниците им било доставен предлог Османи да биде сменет од функцијата министер, но дека тие го одбиле предлогот наведувајќи дека проблемот е Груби и дел од другите министри.

Ахмети вчера во Тетово изјави дека ДУИ може да функционира без било кој поединец затоа што има стабилни структури.

–  Без сомневање дека ДУИ има воспоставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити. Ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка. За 20 години има инвестирано во кадарот на партијата. Советот и Конгресот се функционални, за анархијата нема место, изјави Ахмети.