December 1, 2021 17:24
Македонија

Османи ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот шпански амбасадор во Република Северна Македонија, Хозе Луис Лосано Гарсија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хосе Луис Лосано Гарсија.

 

Министерот Османи му посака успешна мисија на новиот шпански амбасадор, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во унапредувањето на односите и доближувањето на двете држави. На средбата беше изразено заемно задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шпанија, можностите за

продлабочување на економската соработка и поддршката во мултилатералните организации.

 

Соговорниците разговараа за европските перспективи, регионалните предизвици, како и за внатрешно-политичките случувања во државата. Исто така, на средбата стана збор и за одржувањето на следниот НАТО Самит во Мадрид, следната година во јуни што воедно претставува одлична можност за  консолидација и зајакнување на политиките на Алијансата, но и за потврда на заедничките заложби кон градењето глобален мир и безбедност.

 

Амбасадорот Гарсија искажа подготвеност да го продолжи градењето блиски релации преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Шпанија ќе продолжи гласно и активно да ја поддржува Северна Македонија на европскиот пат, упатувајќи порака дека неговата земја останува поборник за членство на земјата во Европската унија.