August 14, 2022 20:24
Македонија

Османи: Билатералните и историските прашања нема да бидат критериум за придвижување напред во процесот со Бугарија

Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека во однос на билатералните прашања нема да се дозволи да има посебно поглавје, а историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред. Тој, во интервју за ТВ Телма вели дека португалскиот предлог е основа за решение на спорот со Бугарија.

– Мене ми е најважно прво да се утврди дали има политичка волја пред да пристапиме кон конкретните прашања, решенија и документи. Засега не гледаме политичка волја во Софија. Во моментот кога ќе видиме сигнал дека таму има политичка волја, тогаш ќе влеземе и во тие разговори како понатаму во однос на конкретните предлози, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Телма, зборувајќи за решавањето на отворените прашања со Бугарија.

Османи во интервјуто вели дека португалскиот предлог е основа за решение на спорот со Бугарија во однос на јазикот, а по однос на билатералните прашања, истакнува дека нема да се дозволи да има посебно поглавје, додека историските прашања посочува оти нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред.

– Во однос на јазикот ние сме кажале дека португалскиот предлог е основа за решение, исто така и по однос на билатералните прашања, ниту ќе се дозволи да има посебно поглавје, ниту историските прашања да бидат „Бенч маркови”, или предуслови за придвижување напред во процесот, рече Османи.

На прашањето дали Министерството за надворешни работи ќе бара Собранието да одлучи дали да се продолжи со процесот понатаму, Османи вели дека за тоа е изгласана Декларација која ги исцртува рамките на македонската позиција.

– Мислам дека Собранието има изгласано декларација во Парламентот која ги исцртува рамките на нашата позиција, доколку би се излегло од тие рамки се разбира дека би барале амин од Собранието. Се додека сметаме дека сме во рамки на декларацијата, мислиме дека имаме мандат да продолжиме да разговараме, потенцира Османи.