July 10, 2020 04:49
Скопје

Општина Центар подели илјада пакети храна од почетокот на корона кризата

Општина Центар во соработка со здруженијата „Хуманост” и „Банка за храна” и со учество на голем број волонтери подели околу 1.000 пакети храна во текот на последните два и пол месеци, односно од почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19.

Како што се наведува во соопштението на Општината, воведувањето на забраната за движење, како и влошувањето на економската состојба на одредени категории граѓани беа главен мотив да се започне со оваа активност. Пакетите со прехранбени производи секојдневно се доставуваа во домовите на граѓаните кои беа оневозможени да ги обезбедат секојдневните потреби за храна.

– Секој граѓанин заслужува достоен оброк, секој ден во годината. Нула глад во Oпштина Центар е наша секојдневна борба и мисија, вели градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Главни целни групи беа примателите на социјална помош, пензионерите со ниски примања, згрижувачките семејства, групните домови на територијата на Oпштина Центар, Центарот за лица со ментален хендикеп „Порака”, како и полициските станици. Според проценките, за овој период се поделија над 30 тони храна, која беше обезбедена од повеќе општествено одговорни компании во координација со здружението „Банка за храна”.

Општина Центар, се додава во соопштението, останува силно посветена да обезбеди што е можно подобри услови за живот на социјално загрозените категории граѓани преку реализација на различни проекти и активности. Како и пред појавата на кризата со COVID-19 и во наредниот период ќе продолжи редовната дистрибуција на храна за 150 социјално загрозени семејства на територијата на Центар.