November 29, 2022 05:27
Скопје

Општина Карпош потпиша Меморандумот за соработка со Коалицијата на младински организации „СЕГА”

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска потпиша Меморандум за соработка со извршниот директор на Коалицијата на младински организации „СЕГА”, Зоран Илиески, која воедно е стратешки партнер на Агенцијата за млади и спорт.

Овој меморандум, како што информираат од Општина Карпош, произлегува од потребата за соработка помеѓу Општина Карпош и Коалицијата „СЕГА”, кој има за цел да овозможи успешно имплементирање на Законот за младинско учество и младински политики, во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата”, кој е поддржан од ЕУ.

-Во рамки на средбата, соработниците на проектот преку анкетен прашалник прибраа податоци од Јакимовски за актуелните услови за живот на младите жители од Карпош, за транспарентниот пристап на младите до информации кои се поврзани со прашања кои ги засегаат нив, како и што презема Општината за оваа популација. Првиот човек на локалната самоуправа говореше и за младинското претприемништво, за безбедноста на младите и за главните приоритети на кои треба да се фокусира стратешката политика за млади, се наведува во соопштението.

Во оваа насока била применета квалитативна и квантитативна методологија која подразбира спроведување на онлајн анкета, која ја опфаќа младата популација на возраст од 15 – 29 години. На тој начин се собираат податоци од младите карпошани поврзани со нивната застапенот во институциите, како и низа нивни предлози за различни облици на граѓанска активност.

-Овој проект непосредно нуди поддршка за локалните самоуправи при подготовка на локални стратегии за млади како и поддршка за самите локални младински совети. Оттука, Општина Карпош обезбеди финансиски средства за имплементација на проектот во висина од 180.000 денари, се наведува во соопштението.

Локалната самоуправа, како што се посочува во соопштението, ќе воспостави работна група за изработка на стратегија за млади, ќе организира Јавна расправа за предлог-стратегијата и ќе обезбеди непречена комуникација со локалниот младински совет.

-Коалицијата „СЕГА” од друга страна пак, ќе учествува при подготовка на методологијата за креирање на локална стратегија за млади, ќе организира обука за единиците на локалната самоуправа и младинските здруженија за изготвување на локални стратегии за млади, и ќе спроведе локално истражување за идентификување на приоритетни потреби на младите во општината. Коалицијата на младински организации исто така ќе изработи Акционен план и ќе испечати Стратегија за млади на Општина Карпош во тираж од 100 примероци, се додава во соопштението.