October 31, 2020 01:11
Скопје

Општина Бутел: Педесет сертификати од градоначалникот и многу емоции од наставниците

Денеска, четврток, 17.09.2020,  градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски им додели сертификати и пригодни подароци на наставниците кои дадоа особен придонес во реализацијата на учењето од далечина.

Сертификати им беа доделени на 50 наставници од сите седум основни училишта во Општина Бутел, од кои: 19 за подготовка и учество во телевизиските образовни емисии во рамките на ,,ТВ училница,, што одеа во живо на Македонската телевизија, и 31 наставници кои учествуваа во подготовката на Националната веб-платформа ЕДУИНО.

На свеченоста, што по овој повод се одржа во дворот на ОУ ,,Живко Брајковски,, градоначалникот Смилевски им изрази голема благодарност на наставниците од сите седум основни училишта за пожртвуваноста и деноноќниот напор да се премостат проблемите во наставата и да се анулираат тешкотиите што ги направи корона вирусот во образовниот процес. Тој додаде дека сертификатите и пригодните подароци се стимул за поуспешно справување со предизвиците во новата учебна година која уште на стартот носи голема неизвесност.

Од името на наставниот кадар се заблагодари Љубица Атанасовска, наставничка по македонски јазик во ОУ ,,Живко Брајковски,, која со многу емоции раскажа како се чувствувале учителите по пустошот во училиштата што ненадејно го донесе пандемијата на вирусот ковид 19. Таа зборуваше за огромните тешкотии и напорот за  повторно да се спојат со учениците, да се подготват за часовите пред телавизиските камери, да се нахрани со наставни содржини националната веб платформа ЕДУИНО, секојдневно да се решаваат проблемите во он лајн комуникацијата, со компјутерите, интернетот и…. на крајот да се добиваат само критики и забелешки како тие да се единствените виновници што нашиот образовен систем не беше подготвен за настава во време на епидемија, е навистина многу тешко, додаде Атанасовска. Таа му се заблагодари на градоначалникот Смилевски и додаде дека овие сертификати и признанија се како мелем, како стимул и ветер во грбот на наставниците за поорганизирано, похрабро и поквалитетно да стартуваат во новата учебна година.