August 13, 2020 04:50
Економија

Опасноста од африканска свинска чума ќе потрае, забраните остануваат во сила

Се зголемува будноста за следење на африканската свинска чума откако вчера се отвори уште едно жариште во Србија, кај Пирот, а пред една недела болеста беше потврдена и во уште четири реони на Бугарија. Во земјава африканска чума нема, но во сила остануваат веќе донесените мерки и забрани, рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов. 

На средбата со новинарите Атанасов нагласи дека опасноста не е помината и дека ќе трае повеќе години. Фармерите и натаму треба да ги спроведуваат биосигурносните мерки, а граѓаните кои патуваат надвор не треба да носат во куферите храна од животинско потекло, посебно не производи од свинско месо. 

-Опасноста од африканска свинска чума во регионот не е помината. Претпазливост мора да има. Забраните и мерките што ги имплементиравме остануваат. И натаму е забрането да се чуваат свињи на отворено и да се хранат со помии, потенцира Атанасов.

Потсети и дека за африканската свинска чума нема вакцина, поради што превентивните мерки се многу битни. 

Директорот на АХВ информира дека од август 2019 година досега, отстрелани се околу 1.000 диви свињи, но кај ниту една не е детектиран вирусот на африканска чума. Во ловиштата без концесионери, појасни, се издаваат дозволи за отстрел. 

Во однос на класичната чума, вакцинацијата на свињите е прекината на 30 септември/1 октомври 2019. Земјава во втората половина од 2020 година ќе побара Светската организација за здравствена заштита на животните да и додели статус на слободна од болеста, а веќе од 1 јануари 2021 година се очекува да почнеме со извоз на свежо свинско месо и живи свињи. 

Атанасов ги потврди оценките на ФАО дека е можно поскапување на храната, особено на свинското месо поради болеста.