October 27, 2020 15:51
Свет

ОН: Американските санкции ја влошуваат ситуацијата во Сирија

Американскоите економски санкции ја влошуваат ситуацијата во Сирија и може да доведат до обнова на конфликтот во регионот, се наведува во денеска објавениот извештај на независната комисија на ОН која ја истражуваше ситуацијата во оваа арапска земја.

Во контекст на брзо распламтувачката економска криза, глобалната пандемија и интензивирањето на санкциите, се засилува загриженоста за пристапот до вода, електричната енергија и горивото, за кои се зборуваше и претходно. Ова, пак, ризикува да ги разгори основните причини за обновување на конфликтот – растечката сиромаштија и нееднаквоста.

Во врска со ова, експертите на комисијата ја повикаа меѓународната заедница да ги укинат санкциите кон Сирија, да обезбедат непречен пристап на земјата до независни хуманитарни организации и структури за заштита на човековите права и да обезбедат пристап до основните намирници, основни медицинско-санитарни материјали и средства за борба против Ковид-19.

„Ако денеска ја погледнете Сирија, ќе видите дека економијата и е целосно уништена. Ова во најголем дел се должи на санкциите. Загрижени сме за санкциите и што тие можат да го влошат страдањето на цивилното население”, се вели во извештајот на независната комнисија на ОН.

Кон крајот на 2019 година, американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша законот, познат како „Цезар”, што стапи на сила на 1 јуни и вклучуваше санкции што ги засегаат буквално сите области на сириската економија. Списокот со санкции беше проширен на 17 јуни годинава со нови 14 лица, вклучувајќи ги и сопругата и сестрата на претседателот Башар ал Асад, како и 21 организација.

Министерот за надворешни работи Валид Муалем рече дека на овој начин Вашингтон се обидува да го лиши сириското население од „последното парче леб” и ги користи санкциите како последно средство за да ги постигне своите цели во Сирија. Според него, Дамаск веќе научил да се спротивставува на санкциите и да ги презема неопходните активности за борба против нивните последици.