February 3, 2023 15:37
Свет

ОН: Авганистанската економија во колапс

 Авганистанската економија доживеа „катастрофален колапс” по доаѓањето на талибанците на власт, а за помалку од една година е анулирано се она што беше градено десет години, се посочува во Извештај на ОН.  

И пред талибанците да ја преземат власта во земјата во август минатата година, авганистанската економија беше многу мала, со БДП од околу 20 милијарди долари, но „за само една година се изгубени околу пет милијарди долари”, изјави Кани Вигнараја, директорка на УНДП за Азија и Пацификот.

„Никаде на друго место во светот не сме виделе таков драматичен колапс”, додаде таа.  

Цената на основната прехранбена кошничка од август 2021 година се зголемила за 35 проценти, Авганистанците за неа издвојуваат 60 до 70 отсто од своите приходи.

Вигнараја посочи дека сега 95 до 97 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија, наспроти нешто повеќе од 70 проценти како што беше пред една година.

Во Авганистан во колапс е и банкарскиот и финансискиот систем – дури 700 илјади работни места се изгубени од кои повеќето жени…секое петто дете е изложено на ризик од тешка неухранетост.

Колапсот на легалната економија доведе до зголемување на учеството на нелегалната економија, која сочинува 12 до 18 отсто од БДП. Пред една година нејзиното учество во БДП беше девет до 14 проценти.  

Абдала Ал Дардари, претставник на УНДП во Авганистан, рече дека хуманитарната помош нема да биде доволна за подобрување на ситуацијата бидејќи за 14 месеци бројот луѓе на кои им е потребна помош се зголемил од 19 на 22 милиони.  

Тој рече дека се планира отворање два милиони работни места во следните три години, преку проекти за поддршка на приватниот сектор, работа со локалните заедници, фокусирање врз жените претприемачи, како и преку обновување на локалната земјоделска инфраструктура и микрофинансиските и банкарските институции.