October 27, 2020 15:38
Магазин

Онлајн наставата во Русија се покажа како одлично решение, вели македонска студентка во Станкт Петербург

Борбата со Ковид-19 ги принуди сите земји да бараат нови алтернативни решенија за одвивање на наставата во новата учебна година. Потрагата по нови решенија стана голем предизвик, наметнувајќи го прашањето дали и колку онлајн наставата е добра замена за физичкото присуство во училиштата. Додека кај нас ова прашање се уште е предмет на дискусија, нашиот студент Драгана Јордановска која во моментов е на постдипломски студии во Санкт Петербург во Русија, вели дека во овој град токму учењето онлајн станало одлично и ефективно решение.

Јордановска е една од најдобрите студенти на постдипломските студии во Санкт-Петербург, поточно на државниот Градежно-Архитектонски Универзитет и е лаборант во лабораторијата за научно-истражувачки работи во областа на геологијата. Таа за МИА посочува дека од првиот момент кога се појави пандемијата, наставата ја продолжиле онлајн. Полагале со вклучена камера, а професорите биле достапни во секое време.

На почетокот на епидемијата, поточно на 20 март, сите студенти од овој факултет добиле известување дека наставата ќе ја продолжат онлајн. Професорите часовите им ги држеле преку платформата  „MicrosoftTeams”, или „Zoom” а со секој студент посебно контактирале преку „Whatsapp”, за да им покажат и помогнат со проектите, да се консултираат и да им укажат на грешките.

-Онлајн наставата ми се допадна, сите професори најдоа начин како да ги држат часовите. Најмногу ми се допадна тоа што можевме во кое било време да ги исконтактираме професорите и веднаш добивавме одговор, за разлика од претходно кога професорите можевме да ги најдеме само на факултет и тоа во одреден ден од неделата. Така повеќе се запознавме со професорите, вели Јордановска.

Испитите на крајот од семестарот ги полагале онлајн со вклучена камера и со ограничено време. Сепак, како што посочува Јордановска, доколку активно работеле во текот на семестарот, автоматски добиваат оценка без да го полагаат предметот.

Во однос на студентите кои немаат лаптоп, компјутер или пак интернет, Јордановска вели дека во секој студентски дом па и во тој каде престојува таа, има компјутерски училници каде слободно може да се следи наставата.

Новата учебна година студентите во Санкт Петербург ја почнале преку слушање на онлајн предавања од своите домови, но од 14 септември почнале да присуствуваат на практичните вежби, со задолжително носење на заштитна маска.

Јордановска појаснува дека исклучок се професорите кои имаат над 65 години. Тие ќе продолжат со одржување само онлајн настава.

Таа е задоволна од услови за студирање во Санкт Петербург. Сепак, плановите на Јордановска по завршување на испитната сесија да се врати во Македонија, останале неисполнети. Летово, таа останала во Русија како и сите други македонски студенти кои студираат таму.

– Како и секое лето се надевав дека после полагањата ќе се вратам во Македонија, ќе ги посетам своите најблиски. Новонастанатиот проблем со пандемијата на сите ни ги одложи плановите. Русија ги затвори границите и летото го поминав во Санкт Петербург. Искрено, не очекував дека ова ќе ми биде најубаво лето. За среќа се подобри ситуацијата и времето беше неочекувано сончево со денови дури над 30 степени. Границите уште се затворени, па слободното време го искористив да ги посетам најубавите места во овој град, а паралелно и работев така да секој ден ми беше исполнет, вели таа.

Во однос на ковид состојбата во Русија, Јордановска вели дека откако се забележал првиот случај државата почнала да презема одредени мерки, но полициски час не бил воведен. Сепак, како што појаснува, најголем дел од граѓаните биле совесни и во најкритичните периоди граѓаните биле дисциплинирани и не излегувале без потреба.

– Немаше строги рестрикции и полициски час како кај нас, но добивавме совети да не излегуваме доколку немаме потреба и препораки како да се заштитиме за да не дојде до заразување. Во некои универзитети имаше заразените студенти и истите беа ставени во карантин. Кај нас и покрај тоа што имаше заболени, сепак не бевме во карантин. Сите како совесни граѓани немавме желба за излегување и се за брзо време се стабилизира, објаснува Јордановска.

Во студентски дом во Санкт Петербург имало студент кој се заразил со вирусот и целиот дом веднаш бил ставен во карантин, вели таа. Сепак, надлежните ги снабдиле студентите со храна и сите неопходни намирници.

Во врска со образовниот систем во Русија, Јордановска вели дека е неопходно постојано учење и целосна посветеност. На универзитетите во Русија не постои можност за презапишување на предметите. Доколку еден студент не го положи испитот, истиот го испишуваат од факултет дури и да е на последната година од студирањето.

Токму затоа, според Јордановска, универзитетите во Русија се наоѓаат на врвот на листата на најдобрите универзитети во светот со одличен кадар, одлични професори и извонредни услови за студирање.

-Русија изобилува со можности, како што се стекнување извонредно образование, пракса, врвна диплома, сигурна работа, и пак ќе кажам, најважно од сè, станувате храбра личност со свој став и силен карактер. Тука секој ден е исполнет со активности и нови можности за успех и убав живот. Уште додека си студент имаш можност да се вработиш, објаснува таа.

Поради фактот што Македонците и Русите се словенски народ, Јордановска вели дека меѓу нив нема огромни разлики во културата, религијата и исхраната. Единствена разлика според неа, е менталитетот, начинот на размислување, начинот на образование.

-Начинот на живеење, во смисла радувај му се на денот, искористи го, излези со книга на чај без да те осудуваат што седиш сам, излези на прошетка без да размислуваш како ќе реагираат луѓето на твојот изглед. Тешко е да си далеку од твоите родители и блиски луѓе и сите свои обврски да ги завршуваш сам но преубавите места, парковите, музеите едноставно не ти дозволуваат во ниту еден момент да тагуваш. Понекогаш се прашувам дали вредеше да се одделам од мојата татковина и да се одлучам за ваков пат, далеку од моите најблиски. Но, дефинитивно вреди. Кога би можела повторно да избирам, со сигурност би го избрала овој пат, појаснува Јордановска во разговор за МИА.