January 29, 2023 14:33
Македонија

Омбудсманот констатирал дека подолг период постои застој во одлучувањето на центрите за социјални работи, поради „проблеми во системот” на катастарските служби

Народниот правобранител соопшти дека од анализата на предметното работење, непосредниот увид во надлежните центри за социјална работа, како и извршените разговори со овластените службени лица кои непосредно постапуваат по поединечните предмети, констатирала дека подолг период постои застој во одлучувањето на центрите за социјални работи, поради „проблеми во системот” на катастарските служби.

– Народниот правобранител констатира дека од месец октомври, поточно од 24.10.2022 година, сериозно се попречува работата на центрите за социјална работа при преземање на службените податоци од Агенција за катастар на недвижности поради наводни проблеми во системот. Народниот правобранител смета дека ваквата состојба е недозволива и директно се одразува на остварувањето на легитимните права на подголема група на граѓани која и онака се наоѓа во многу тешка финансиско-материјална состојба и во изразит социјален ризик. Поради ненавремено постапување на надлежните центри за социјални работи, на оваа категорија на граѓани им се онеовозможува и остварувањето на другите уставни и законски права, како што е правото за здравствена заштита, субвенционирање, добивање финансиска и друг вид на помош од државата и слично, се наведува во соопштението на Омбудсманот.

Според Народниот правобранител, ваквата состојба предизвикува неоправдано одолжување и на постапките за остварување права по основ на заштита на децата и социјалната сигурност на старите лица бидејќи и за таа цел центрите за социјална работа треба по службена должност да обезбедат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности.

Посочуваат дека согласно општите начела на управната постапка органот при одлучување за правата од социјална заштита меѓу другото треба да постапува итно, ефикасно и во законски предвидениот рок да одлучи по барањето на странките, затоа што секое неосновано одлагање е на штета на граѓаните.

Народниот правобранител укажува дека согласно член 35 од Уставот на Република Северна Македонија, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката, како што велат, исто така, им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните граѓани за работа, им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Потенцираат дека без оглед со какви објективни и субјективни проблеми се соочува еден државен управен орган, за Народниот правобранител е неприфатливо во едно демократско општество каде треба да владее правото и правната сигурност на граѓаните да не се почитуваат овие темелни уставни вредности.

– Народниот правобранител согласно член 32 став 1 алинеја 1 од Законот за народниот правобранител („Службен весник на РМ” бр. 60/03, 114/2009, 181/16, 189/16 и 35/18) кога ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од ограните од членот 2 и член 12 став 1 од овој закон или пак се направени други неправилности може да даде препораки, предлози, мислење и укажувања за начинот на отстранување на констатираните повреди. Имајќи го предвид изложеното Народниот правобранител со цел создавање услови за непречено и континуирано остварување на правата на граѓаните и сите други лица по основ на социјална заштита и сигурност и детска заштита, како функционер кој раководи со Министерстовото за труд и социјална политика, Ве информира и укажува веднаш и без одлагање, во рамките на Вашите надлежности и во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности, да презмете дејствија за надминување на овој сериозен проблем, се вели во укажувањето на Омбудсманот упатено до Министерството за труд и социјална политика.

Од Омбудсманот посочуваат дека од МТСП должни се да го известат Народниот правобранител најдоцна во рок од 5 дена од денот на неговиот прием за преземените мерки за спроведување на оваа укажување, велат  согласно член 34 став 1 од Законот за народниот правобранител („Службен весник на РМ” бр. 60/03, 114/2009, 181/16, 189/16 и 35/18).