September 26, 2022 01:47
Култура

Оливера Николова добитничка на наградата „Прозарт” на 10. „ПРО-ЗА Балкан”

Македонската писателки Оливера Николова е добитничка на наградата „Прозарт” за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан”. Јубилејното 10. издание на фестивалот годинава ќе се одржи од 18 до 21 септември.

Одлуката за доделување на наградата на Николова беше донесена едногласно од страна на Одборот за доделување на наградата „Прозарт”, на чело со претседателот Ермис Лафазановски.

– Оливера Николова е македонска писателка која ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па сè до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија туку и на Балканот, им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината, стои во одлуката на Одборот.

Николова, за која не ретко се споменува дека е мајка на сите македонски писателки, во писмото по повод добивањето на наградата вели:

-„ПРО-ЗА Балкан” за мене отсекогаш претставувала кота од која ми се овозможуваше радоста да ги поздравам колегите писатели, оние присутните, но и неприсутните, кои ги познавам и не ги познавам, кои ги читам и не ги читам, но чии автентични творечки вибрации бездруго ја изгубиле супстанцата на само она што е исклучително. Неспорно, присуството на читателите, пак, создава повеќе убавина одошто некогаш сме имале во моментот, повеќе емпатија за секого, но и помалку занес за чудата на животот и сировата стварност, наведува Николова.

Во својата порака таа вели дека ѝ припаѓа на македонската литература, а нејзиниот јазик на изразување е македонскиот јазик и додава: – Писател… Писатели… Знаеме ли што се очекува од нас? Го прифаќаме овој товар со занес, а што се бара од нас? Што треба да работиме? Дали да се слушаме само себеси? Дали да ги слушаме првенствено другите? А, најважното: дали би го прифатиле и тоа што ни се наметнува?, се наведува во писмото по повод добивањето на наградата.

Понатаму прашува кој е вистинскиот повик на писателите и додава: – Во име на овие брзи и површни размисли, во име на нашето колебање за кое секој писател го остри перото, ја поздравувам нашата сложност во предвидувањата кои секогаш сме ги оспорувале, да го чуеме не само пискотот на разумот, туку и нашата несигурност со коja ја китиме кревкоста на упорното постоење. Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, се’ додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување, нагласува Николова.

Оливера Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Покрај романите како „Вежби за Ибн Пајко”, „Куклите на Росица”, „Збогум, Вано, Ванке…”, „Песот со тажен поглед”, и збирки раскази за возрасни, има објавено и 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Девојките на Марко”, „Мојот звук”, „Преминот не е осветлен”, „Светлосна година”, и др. Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки” стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа”. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан” се: Министерството за култура, „Традуки”, Турскиот културен центар „Јунус Емре”, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА.