September 14, 2019 20:42
Балкан

Олбрајт: Во Косово пред 20 години ја направивме вистинската работа

Поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт во своето обраќање на церемонијата по повод 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово, изјави дека се чувствува горда поради тоа што го направија пред две децении, заедно со сојузниците во Алијансата, со интервенцијата против тогашна СР Југославија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Олбрајт на централната манифестација на плоштадот „Скендербег” во косовскиот главен град, рече дека е „среќна што Косово се ослободи” и дека „каузата беше праведна”.

– Горда сум поради тоа што го направивме заедно. Војната во Косово беше судир со варварските злосторства врз цивилното население. Најбитно е што успеавме – нашата кауза беше праведна, изјави Олбрајт.

Таа го спомена моментот кога на тогашниот американски претседател Бил Клинтон му рекла дека „за Косово треба да се направи тоа што е потребно”.

Во чест на Олбрајт и по повод 20-годишнината од влегувањето на НАТО, што во Косово се слави како Ден на ослободувањето, попладнево во центарот на Приштина ќе биде откриена нејзина биста, на плоштадот што го носи нејзиното име.

Олбрајт како државна секретарка на САД, заедно со тогашниот американски претседател Клинтон и неколку други западни лидери, беа главни поборници на интервенцијата на НАТО во СР Југославија во 1999 година. По 78-дневната воздушна кампања, на 9 јуни истата година во Куманово беше потпишан Воено-технички договор меѓу НАТО и југословенската војска и полиција, а три дена подоцна копнени сили на Алијансата влегоа во Косово и ја востановија меѓународната воена мисија КФОР.

Нови вести

Пацоли: Поделбата на Косово е само во соништата на Кремљ и Белград

zane

И Демократската партија (ДС) одлучи да ги бојкотира изборите во Србија

zane

Мета: Да ме послушаа Баша и Рама земјата ќе беше многу подобра

zane