February 2, 2023 22:17
Балкан

Озлогласената Вагнер група отвори Центар за пријателство и соработка во Србија

Групата Вагнер, руска приватна платеничка воена група со блиски врски со Кремљ, на Телеграм објави дека нејзиниот „резидентен културен и информативен центар на пријателство и соработка „Orly“ е формиран во Србија, пренесува Danas.rs.

„Ние брзаме да ве запознаеме со новиот резидент на ПМЦ Вагнер центар – Руско-српски културно-информативен центар за пријателство и соработка Орли. Идеолог и водач на Центарот е Александар Лисов“, наведуваат на Телеграм.

Во соопштението потсетуваат дека во 2017 година „како резултат на неговите добротворни активности, приштинските власти го вклучиле Лисов на листата на лица на кои им е забранет влез на територијата на непризнатата Република Косово“.

Тие наведуваат и дека мисијата на центарот е „спроведување на јавна дипломатија“ чија цел е зајакнување и развој на пријателските односи меѓу Русија и Србија со помош на „меката моќ“.

„Орлите, како штитеници на ПМЦ Вагнер центарот, се ангажирани во информативна конфронтација со руските либерали кои заминаа во Србија и се обидуваат таму да извршат антируски активности со цел да ја дискредитираат Русија и да ги влошат односите меѓу рускиот и српски народ“, пишуваат во соопштението.