April 15, 2021 10:31
Економија Македонија

Од понеделник стартува платниот промет во Македонска пошта

Од понеделник започнува функционирањето на платниот промет во Македонска пошта преку кој граѓаните ќе можат повторно да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово.

Согласно договорот потпишан меѓу Македонска пошта и Халкбанк АД Скопје, која беше избрана за банка преку која ќе се одвива платниот промет на Пошта, Халкбанк ја исполни својата обрска според која до 1 март требаше да го имплементира системот за наплата за Македонска пошта.

Платниот промет, во првата недела ќе биде достапен во повеќе избрани подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2,  подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна во сите останати единици на Пошта.

Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта ќе биде со особено поволни провизии. Односно 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.

Со оглед на широката мрежа на експозитури и тоа во места во кои граѓаните немаа друга можност за вршење на трансакции од платниот промет, од Пошта очекуваат дека претпријатието во многу скоро време ќе се врати на првобитната позиција која ја имаше до пред неколку месеци – каде се одвиваше 25% од вкупниот платен промет во државата.

Според најавите, во скоро време коминтентите на Халкбанк на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги.