August 14, 2022 20:38
Македонија

Одземени надлежностите на градоначалникот на Виница за именување директор на училиштето „Ванчо Прке”

Министерството за образование и наука (МОН) донесе решение со кое го одзема вршењето работи што се од надлежност на градоначалникот на Општина Виница, односно во наредниот период тој не може да разрешува и да именува директор на средното општинско училиште „Ванчо Прке”.

Според Решението, надлежностите во оваа сфера за период од 12 месеци ги презема ресорното Министерство, кое ќе ги врши во име и за сметка на Општина Виница.

-Министерството за образование и наука, постапувајќи во рамки на своите надлежности за вршење надзор врз работата на органите на општината, утврди дека градоначалникот на Општина Виница надлежностите за разрешување и именување директор на средното училиште ги врши спротивно на одредбите во Законот за средно образование. Од страна на Државниот просветен инспекторат е извршен вонреден инспекциски надзор, при што е утврдено дека градоначалникот одлучил да не прави избор на директор на СОУ „Ванчо Прке” поради истекување на роковите за избор, иако Училишниот одбор ја спровел постапката во законски предвидениот рок од 45 дена и доставил предлог за директор, се истакнува меѓу другото во образложението на решението од МОН.

Училишниот одбор на СОУ „Ванчо Прке” од Виница донел одлука за објавување јавен оглас за директор и истиот бил објавен во дневните весници, по што имало и пријавен кандидат кој подоцна како предлог е доставен до локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Виница го известил Одборот дека нема да врши избор на директор, а потоа кандидатот поднел жалба до Второстепената комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата е прифатена, одлуката на градоначалникот е поништена, а предметот е вратен на повторно постапување и одлучување пред првостепениот орган, по што Министерството решило да ги одземе надлежностите.