December 2, 2022 10:06
Македонија

Одгледувањето пчели како начин на егзистенција на едно семејство

Владимир Антовски од тетовско Жилче, кој беше еден од учесниците на дводневниот Саем на мед и пчеларска опрема „Слатки денови во Тетово”, за МИА раскажа како е можно со одгледување пчели и правање мед и медни продукти да се обезбеди егзистенција за едно четиричлено семејство.

Тој професионално се занимава со пчеларство, односно со одгледување  пчели и производство на мед и пчелни продукти. Вели дека секако има исплатливост, доколку се користат сите можности кои постојат при одгледувањето пчели.

– Мојата работа е пчеларство, живеам само од тоа, не работам друго. Имам 500 пчелни семејства, а дека се исплаќа можам одговорно да тврдам со оглед дека така функционира нашето четиричлено семејство, со пчеларство и подготовка на пчелни производи. На секоја работа треба да се гледа исплатливо, рентабилно и да се гледа максимално да се искористи, не само да се оди на еден производ. Многу пчелари кај нас мислат дека пчелар е само производител на мед. Но медот е еден од продуктите кои ги дава пчелата, дава и еден куп други продукти, од кои после може да се прават различни производи, како прополис, прав, пчелен восок и слично. Пчеларот може да прави и комбинации, како можности кои може да ги пласира за да го зголеми бенефитот и да биде рентабилен, вели Антовски.

Главната насока на одржливо и исплатливо занимање со пчели е кошниците со пчели да бидат поставени на повеќе локации. Тоа е потребно бидејќи приносите од мед се зависни од климатските услови па затоа е важно да се има пчелни семејства на повеќе различни географски подрачја. Така ќе се избегне ситуацијата да има мали количини. Антовски ги чува пчелните семејства на шест локации.

– Во моето населено место Жилче на три места чувам пчелни семејства, значи во низина. Потоа на две места во Непроштено или на Шар Планина и една локација на планината Жеден. Разликата е во тоа што на различните локации има различна паша за пчелите па така се разликува од кое место колку количини мед ќе излезат. Во Жилче одгледуваме багремов мед,,а во Непроштено костенов мед. Со поголема бројка на пчели не може да бидете на една паша затоа што може да се промаши, да се киксне приносот на таа паша и да не може да се покриете за таа година. Мора да се следат повеќе паши и тоа е рентабилноста на пчеларството. Тоа е таканаречено селидбено пчеларење, мора нешто да успее таа година. Ако не дава багремот, ќе даде ливадата, ако не даде ливадата ќе даде костенот, да не останеш со празни раце или празни тегли, вели Антовски.

Најниската цена на една тегла мед во тетовскиот регион  годинава е 800 денари, што е за 200 денари повеќе од минатата година. Повисоката цена се должи на спиралата на поскапувања, пред се, кај репроматеријалите и опремата потребна во пчеларството.

– Сметам дека медот не е нешто скапо да се купи, една тегла мед моментално изнесува околу 800 до 900 денари. Цена која е солидна за сегашниве поскапувања. Една тегла мед месечно може да ги задоволи потребите на едно четиричлено семејство. Ако правиме споредба  со другите продукти, на пример млечните продукти, каде еден килограм кашкавал може да се изеде за три-четири дена, ова е нешто што се консумира во помали количини и трае цел месец, рече тетовскиот производител на мед.

Саемите и натпреварите за квалитет на мед, како што периодов имаше во Тетово, се добра прилика за промоција на пчелните производи, но и за споделување на искуствата во справување со проблемите со кои се соочуваат пчеларите.