August 14, 2022 20:14
Македонија

Одбиени пет амандмани за ребалансот на Буџетот поднесени од ВМРО-ДПМНЕ

Собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година, во рамките на 38. седница. Мнозинството во Комисијата досега одби пет амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, од над 170 поднесени од оваа пратеничка група. Покрај амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, за ребалансот на Буџетот поднесени се 28 од Алијанса за Албанците и два амандмани од парламентарното мнозинство, вкупно 204 амандмани.

Најмногу дебата предизвика амандманот на Сојузот на синдикати на Македонија за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор од 2806 денари, кој беше одбиен од мнозинството.

Во претходните три дена од комисиската расправа за ребалансот пратениците од опозицијата и од власта имаа спротивставени ставови. За опозицијата ребалансот е доказ дека економијата е разрушена и дека постојано се зголемува сиромаштијата. Пратениците од власта, пак, порачаа дека со ребалансот се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

Комисија за финансирање и буџет амандманската расправа за ребалансот на Буџетот ќе ја продолжи утре во 11 часот.