October 3, 2022 16:46
Македонија

Одбележан Денот без автомобили во повеќе градови во државава

Со велосипедски дефилеа во повеќе градови во државава, во кои учествуваа граѓани, ученици, рекреативци, ентузијасти и вљубеници во велосипедизмот и пешачењето, денеска во нашата држава беше одбележан 22 Септември – Меѓународниот Ден без автомобили и завршувањето на Европската недела на мобилност (ЕНМ).

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека оваа година кампањата се спроведуваше под мотото „Комбинирај и движи се” и е со цел да се промовираат и комбинираат алтернативните, одржливите и заедничките форми на транспорт, како начин да се намали употребата на автомобили и да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот, со што би се остварила визијата на европската стратегија за декарбонизација.

Во велосипедските паради по градските улици и булевари, се приклучиле и повеќе граѓани, кои со своето присуство покажаа дека користењето на велосипеди и пешачењето стануваат сѐ поприфатени како поздрави и поекономични начини на движење низ урбаните средини.

Европската недела на мобилност се одржа од 16 до 22 септември, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор, а годинава во одбележувањето официјално се вклучија четири градови низ државава – Велес, Прилеп, Струмица и о.Карбинци. Од МЖСПП посочуваат дека бројот на градови кои со свои активности организираат настани во рамки на Европската недела на мобилност и своите можности е многу поголема.

– Во текот на целата недела, во дел од градовите се организираа настани за подигање на јавната свест и за промоција на перманентните мерки реализирани во текот на годината, со кои се овозможува користење на алтернативни начини на транспорт и во кои беа вклучени локални авторитети, граѓански организации, компании од бизнис секторот, меѓународни претставници и организации и индивидуални граѓани. Преку овие активности беше потенцирана целта и значењето на кампањата – подигање на културата за одржлива мобилност во урбаните средина и стремеж кон помасовна употреба на алтернативните форми на транспорт, се наведуват во соопштението на МЖСПП.

Оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2895 градови од 47 држави од Европа и светот.