December 2, 2022 11:00
Македонија

Ограничените маржи на основните прехранбени производи ќе останат до крајот на годината

Владата на Република Северна Македонија, денеска, ја одржа редовната, 83-та седница.

Владата донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со што продолжува да важи Одлуката за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Тоа значи дека останува да важи замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо.

Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани.

На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата на мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци.

Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на леб бел; сечен на парчиња или цел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.

Висината на трговската маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% млечна маст и јајца се утврдува во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.

Пред министрите, денеска се најде и Информацијата за работата на Интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите за 2021 година, предложена од Министерството за труд и социјална политика.

Интер-ресорска консултативна и советодавна група (ИРГ) за еднакви можности на жените и мажите е составена од функционери/раководни државни службеници, претставници на граѓански организации, здруженија на работодавци, експерти, претставници на локалната самоуправа, синдикатите и други субјекти.

Групата се грижи за промоција на концептот за вклучување на родовите аспекти во генералните политики на сите јавни институции; ја следи интеграцијата на концептот во секторските политики во соработка со социјалните партнери и институциите од поединечните области; го следи прогресот на хармонизација на националното законодавство со законодавството на Европската Унија и европските стандарди од областа на родовите прашања; учествува во подготовката и дава насоки во процесот на подготовка на Стратегијата за родова еднаквост; ги следи периодичните извештаи од институциите.