February 4, 2023 19:13
Македонија

Огнената група: Силна порака од Куманово-поставуваме нови европски стандарди во политиката

Вечерва во преполнета сала на зградата на поранешниот Комитет во Куманово, високи функционери на Демократската унија за интеграција, познати како „Огнената група“ која бара од Али Ахмети да ги тргне вицеремиерот Артан Груби и МНР Бујар Османи од Владата, одржаа средба со структурите на огранокот на ДУИ и граѓаните на Куманово.

Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, организацискиот секретар Блерим Беџети, претседателот на Надзорниот совет Муса Џафери, ако и Невзат Бејта и членови на високото раководство на партијата беа примени од огранокот на Куманово кои ги поканија на оваа средба токму за да се чуе нивниот глас и да ја изразат загриженоста и незадоволството на кумановци од состојбите во ДУИ и лошиот настап на извршната власт во последните две години.

Потпретседателот и пратеник на ДУИ, Изет Меџити рече дека ова што се случува денес е нов стандард во албанската политика, што произлегува од западната демократија, каде што кандидатите конкурираат прво во нивните партии, а потоа се натпреваруваат со противничките партии.

‘Во 2020 година, во бранот на пандемијата, придонесовме да победиме на избори, му помогнавме на Али Ахмети и ДУИ, а во кампањата според сугестиите на агенциите не го кандидиравме Артан Грубин никаде, бидејќи ни кажаа дека е шампион за губење гласови. По изборите се направи голема грешка, тој што го сокривме од гласачите стана вицепремиер. Издржавме и молчевме поради членството на земјата во НАТО и поради Али Ахмети. Сега Артан Груби оди на состаноци каде повеќето се функционери и замислете зборува во име на евроинтеграциите, додека цело време се занимава со антиевропски методи, ја гуши дебатата, бега од одговорност и врши притисок врз администрацијата и оние кои се за промени, рече Меџити.

Претседателот на Надзорниот совет на ДУИ, Муса Џафери пред кумановци рече дека директивите на Артан Груби не можат да ги поднесуваат бидејќи тој е дојденец во ДУИ, за разлика од нас основачите.

„Во ДУИ дојде многу доцна и дојде сам, немаше гласачко тело, не дојде од структурата, а сега замислете ја затвора дебатата, ја блокира. Не е ништо страшно да се има реконструкција, мора да си одат бидејќи немаат резултати”, рече Џафери.

Организацискиот секретар и градоначалник на Сарај, Блерим Беџети рече дека кога некој ти затвара врата, нема посигурна врата од вратата која ти ја отвара народот.

Невзат Бејта рече дека излегоа на терен затоа што неуспесите на извршната власт се на секое поле, во образованието, здравјето, судството и обвинителството, затоа што сите тие институции се злоупотребени за лични интереси на Артан Груби.

Високи функционери на Демократската унија за интеграција преку овие средби директно комуницираат со базата, граѓанинот како и огранокот, пред кои ја изнесуваат загриженоста за нереализирање на ветувањата на граѓаните од министрите и замениците министри на ДУИ, кои не се ни натпреваруваа за гласот на народот, туку како вистински опортунисти ги користат придобивките што ги дадоа албанските гласачи во Северна Македонија.

Средбите со базата се најавени и во наредните денови.