February 20, 2020 22:19
Македонија

Ова е едно од најголемите покачувања во здравството: CENTAR Интервју со д-р Љубиша Каранфиловски – претседател на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита

Македонската новинска агенција Centar.mk имаше интервју со д-р Љубиша Каранфиловски – претседател на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита

1.Што претставува и какво значење има анексот на договорот кој е потпишан со министерството за здравство пред техничката влада?

Вложувањето во здравството не е трошок, туку инвестирање во иднината. Едно е јасно, системот на здравствена заштита е еден од столбовите на државата, па затоа достоинствената работа на здравството мора да е во центарот на активностите, не само на синдикатите, туку и на Министерството и Владата, бидејќи е предуслов за пружањето поквалитетна здравствена заштита, воедно и за економското закрепнување и заздравување на здравството.
Самото потпишување на анекс на колективен договор за здравствената дејност го потврдува приоритетот на владината политика за платите во здравството, што воедно претставува придобивка со која се подобрува општествено социјалниот статус на здравствените работници, здравствените соработници и помошно-техничкиот персонал. Ваквиот пристап е предизвик особено во земјите во кои има опасност од одлив на здравствени кадри, бидејќи факт е дека здравствените работници се најголемиот и најважниот ресурс на здравството.

2. Кои се придобивките што ги содржи овој договор?
Колективниот договор е единствен двостран акт. Колективниот договор по дефиниција е доказ за успешен социјален дијалог како израз на добра волја, па придобивката на анексот е, освен во опстојувањето на колективното договарање и во покачувањето на платите на здравствените работници, здравствените соработници и помошно-техничкиот персонал на вкупно од околу 18 300 вработени или околу 91% од вработените во здравството.
Ваквата придобивка вработените ќе ја почувствуваат веќе со февруарската плата. Како грански синдикат во наредниот период ќе останеме доследни на нашите барања за покачување на платите и на администрацијата, која што би кажал дека претставува најголема логистика во здравството.

3. За првпат волку се инвестира во човечки капитал, дали сте задоволни од постигнатото?

Се согласувам дека ова е едно од најголемите покачувања во здравството, посебно за докторите специјалисти и докторите на медицина, како даватели на здравствената услуга. Со ова се постигнува поголема мотивираност, би кажал поттик повеќе да останат во нашиот здравствен систем кога Европската демографска карта има широко отворена врата за здравствените кадри. Ова е во прилог дека без доволен број потребни кадри, без мотивирани кадри не е возможно да се обезбеди потребната здравствена заштита.
Воедно е важно и управувањето со човечките ресурси во смисла на нивна правна потреба на ниво на јавна здравствена установа и на ниво на здравствениот систем во целина. Платата останува константно значајна тема, нашите активности продолжуваат и понатаму во делот на подобрување на статусот на сите вработени во здравството.

4. Каква е соработката со Министерството за здравство и министерот Филипче?
Се работи за исклучително добро воспоставен социјален дијалог во рамки на социјалното партнерство помеѓу Министерството за здравство и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Истовремено можам да кажам дека станува збор за континуирана соработка и средби на кои се разгледуваат прашања во интерес на подобрување на статусот на вработените. Се надевам дека ваквата соработка ќе опстојува и понатаму.

5. За колку се зголемува платата на лекарите со последните измени?
Со последните измени во анексот на колективниот договор за здравствената дејност, платите на докторите специјалисти во нето основна плата се зголемува од 9200 денари до 12 000 денари, а на докторите на медицина зголемувањето се движи од 4200 до 4600 денари. Ова се однесува на нето основната плата во која не се содржани додатоци на плата

6. На последната прес конференција напоменавте дека ќе се зголемат дежурствата на сите здравствени работници, дали може да ни објасните за колку точно ќе бидат зголемени истите?
На последната прес конференција во врска со додатокот на плата по основ на дежурства, напоменав дека ќе се зголеми основицата за пресметка на дежурствата, поточно саатницата како резултат на зголемување на коефициентот за плата. Вредноста на саатницата е основа за пресметка на дежурствата и самото зголемување на саатнината помножено со поминатите часови на дежурство, го дава зголемениот износ на додаток за дежурство. Како резултат на тоа се зголемува износот на дежурство во зависност од тоа колку часови месечно докторот имал дежурства.