April 2, 2020 17:33
Економија

Објавен Јавниот повик за финансиска поддршка за Центрите за развој на планинските региони, за инвестиции за изградба и реконструкција на пристапни патишта до нивите

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот повик за поднесување на барања за финансиска поддршка преку Програмата за капитални субвенции, наменета за финансирање на инвестиции за реконструкција и пробивање на пристапни патишта до земјоделско земјиште.

Оваа финансиска поддршка е наменета за Центрите за развој на Планските региони. Крајниот рок за доставување на барањата е до 25-ти овој месец.

„Со помош на овие средства, Центрите имаат можност да реализираат инвестиции за подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба и реконструкција на пристапни патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност. Со ваквиот тип на инвестиции ќе се подобри и олесни пристапот до обработливите земјоделски површини, што е важно за земјоделците кога ги вршат агротехничките мерки, бербата и транспортот на земјоделските производи“, изјави министерот Димковски.

 

Право на учество на овој Јавен повик имаат Центрите за развој на планските региони на територијата на Република Северна Македонија, регистрирани согласно Законот за рамномерен регионален развој.  По завршување на проектот,  до Министерството, задолжително се доставува комплетен финансиски извештај и наративен извештај за реализираните средства за имплементација на проектот, најдоцна 15 дена по крајниот рок за имплементација на проектот.

 

Главната цел на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да се подобри руралната патна инфраструктура, која е основен предуслов за успешен развој на земјоделството. Ефикасното искористување на овие средства ќе придонесе и за подобар рурален развој и создавање на подобри услови за живот во руралните средини. Создавањето поволни услови за работа за земјоделците, е само дел од пакетот системски мерки кои оваа Влада ги презема за развој и модернизирање на агро-секторот.