November 24, 2020 01:46
Македонија

Обраќање на Пендаровски на приемот за претставниците на дипломатскиот кор

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вчеравечер се обрати на приемот приреден за претставниците на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Северна Македонија.

Неговото обраѓање го објавуваме интегрално.

„Почитуван Министер за надворешни работи,

Почитувана амбасадорке, доајен на дипломатскиот кор во Скопје,

Ваши екселенции,

Дами и господа,

Задоволство ми е, вам, членовите на дипломатскиот кор, да ви посакам добредојде на традиционалниот новогодишниот прием. На сите, во новата 2020 година, ви посакувам добро здравје и лична среќа, а на вашите држави многу успеси и напредок на секое поле.

Посебно ми е драго да ве поздравам затоа што од 12 мај изминатава година, јас и моите најблиски соработници, воспоставивме динамична комуникација и соработка со секој од вас. Таа соработка, се надевам дека тука ќе се согласиме, резултираше со реализација на неколку значајни посети и активности на меѓународен план.

Сакам да нагласам дека, како и до сега, така и понатаму, мојот кабинет останува да биде целосно отворен за уште подинамична соработка со вас, со цел да ги продлабочиме нашите билатерални и мултилатерални односи за сите прашања од заемен интерес. Транспарентноста и динамичноста се меѓу моите основни принципи на работа и на внатрешен и на меѓународен план, така било до сега, така и ќе остане.

Годинава се навршуваат неколку јубилеи од воспоставување на дипломатските односи со 20-тина држави во светот, како и 25 години од нашето членство во ОБСЕ, Советот на Европа и Партнерство за мир на НАТО. Овие јубилеи се одлична можност за нови иницијативи со кои на најдобар можен начин ќе ги одбележиме нашите заеднички активности, се разбира, и нашите заеднички успеси.

Почитувани екселенции,

Доволно ме познавате за да знаете дека не сум склон да ги користам вообичаените фрази и да предвидувам дека „оваа година ќе биде историска“, но, според многу параметри, 2020-та има предиспозиции да биде мошне значајна и за нас како држава, и за регионот.

Претстојните неколку месеци за нас, внатрешно, се период на организација и спроведување на најавените парламентарни избори. Во оваа прилика сакам уште еднаш јавно да изјавам дека од преодната Влада очекувам изборите да ги организира во фер и демократска атмосфера, а од партиите очекувам одговорно однесување, онака како што доликува на една организирана демократска држава, членка на НАТО и идна членка на Европската Унија. Исто така очекувам, веднаш по завршувањето на изборите, брзо да се формира владата и во таа насока јас сум подготвен да придонесам со доследно почитување на уставните одредби при доделувањето на мандатот. Интересот на сите граѓани на оваа држава, без разлика која политичка опција ја поддржуваат е реформските и интегративните процеси да продолжат без застој. Независно кој ќе победи очекувам да продолжи со спроведување на неопходните реформи во насока на реализација на консензуално изградените државни позиции за нашите стратешки цели.

Прво, тоа се нашите два главни надворешно-политички приоритети. Годинава ќе станеме членка на НАТО што ќе ја зголеми нашата одговорност и кон граѓаните и кон сојузниците. Со членството ние стануваме дел од евроатлантската заедница и ќе ги споделуваме привилегиите, но, и обврските од членството. Како врховен командант на вооружените сили ќе се залагам вложувањето во одбраната да го достигне стандардот од најмалку 2% од БДП, во предвидениот рок, за да можеме да се адаптираме кон брзите геополитички и безбедносни промени и ефикасно да придонесуваме кон мирот, безбедноста и стабилноста на Европа.

 

Екселенции,

Оваа 2020 година со Европската Унија ќе претседаваат две држави кои се посветени на европското проширување кон нашиот регион – Република Хрватска и Сојузна Република Германија. Проширувањето на Европската Унија кон западниот Балкан никогаш не било само економско, туку и геополитичко и безбедносно прашање, никогаш не било само комерцијален интерес, туку и споделување на заеднички вредности. Убеден сум дека хрватското и германското претседавање со Унијата се можност и за наш исчекор во европските интеграции.

Вчера имав средба со новиот комесар за проширување, при што, имав прилика од прва рака да посведочам за неговата амбициозност и посветеност на процесот. Сакам да нагласам и дека пораките кои во континуитет доаѓаат од највисокото раководство на организацијата, Претседателот на Советот Мишел и Претседателката на Комисијата фон дер Лајен недвосмислено се во насока на комплетирање на Европската Унија со државите од нашиот регион. Тие пораки на нашите граѓани и мене лично ни даваат надеж и го одржуваат оптимизмот во општеството. Посакувам, што поскоро, сите држави-членки на ЕУ да го препознаат овој клучен момент за храбри и конкретни чекори во оваа насока. Во тој контекст, очекувам и апелирам новата методологија за водење на преговорите да биде усвоена најдоцна до крајот на март 2020, а паралелно со усвојувањето на методологијата да биде донесена и одлуката за доделување датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и соседна Албанија. Преговорите нам не ни се потребни како политички трофеј, туку, како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии.

Второ, независно од резултатот на изборите, очекувам и во рамки на моите надлежности ќе настојувам, Северна Македонија да продолжи по патот на добрососедството. Со Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија отворивме простор  за да затвориме тешки прашања од минатото и да понудиме сериозен влог во нашата заедничка иднина како пријатели. Убеден сум дека успешната мултилатерална соработка во НАТО и во Европската Унија ќе биде уште поуспешна со добра билатерална соработка, пред се, со најблиските, со соседите, се разбира, врз основа на меѓународното право и добрата волја од двете страни за коректно читање и взаемно почитување на договореното.

Кога зборувам за добрососедството и регионалната соработка, очекувам дека оваа година, дијалогот Белград-Приштина ќе добие нова динамика, пред се, во интерес на двете држави, но, и во интерес на пошироката регионална стабилност и соработка. Уверен сум дека секое решение што ќе го договорат Белград и Приштина и кое ќе биде во насока на почитување на суверените права и територијалниот интегритет на сите соседни држави ќе ја добие нашата поддршка.

Конечно, сакам да се осврнам на мојата иницијатива за стратешко отворање на Северна Македонија кон државите кои не се членки на НАТО и на ЕУ.

Во моето годишно обраќање реков, во оваа прилика ќе повторам: сега, кога сме defacto членка на НАТО, немаме ниту една причина да бидеме резервирани во односите со државите кои не се дел од евроатлантскиот простор, а дијалогот и соработката со нив треба да ги градиме врз основа на легитимните економски интереси на нашите држави, при тоа, почитувајќи ги политичките разлики по определени прашања.

 

Во текот на оваа година ќе остварам работни и официјални посети на некои од вашите држави, а ќе бидам домаќин и на неколку мои колеги, претседатели од европскиот континент. Веќе наредната недела ќе бидам во работна посета на Израел кадешто ќе учествувам на Светскиот форум за Холокаустот, по повод 75 годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта во Аушвиц. Граѓаните на мојата држава беа дел од антифашистичката коалиција во Втората светска војна и во нашата историја победата врз фашизмот и нацизмот има огромно значење и неспорно претставува конститутивен дел од идентитетот на современа Република Северна Македонија.

 

Неодамна, за жал, во нашиот јавен дискурс беа споделени изолирани коментари кои од припадниците на Еврејската заедница беа протолкувани како антисемитски. Слободата на изразување е фундаментално човеково право,но, при тоа, сите ние, мораме да внимаваме на нејзините легитимни граници кога нечиј коментар може да ги повреди чувствата на еден народ или религија преку влечење на погрешни историски паралели. Пред нас е период на кампања и вжештена предизборна реторика. Од тие причини, повикувам на поголема внимателност и воздржаност, затоа што мојот народ буквално никогаш во историјата не бил поврзуван со антисемитски сентименти и ставови.“