August 13, 2022 18:17
Свет

Обидите за илегален премин на Ла Манш се зголемија за 68 отсто во првата половина на 2022 година

Бројот на обиди на мигранти илегално да го преминат Ла Манш за да стигнат до Англија значително се зголеми во првата половина на 2022 година по веќе рекордната 2021 година, соопшти денеска француското МВР.

Помеѓу 1 јануари и 13 јуни 2022 година имало 777 случаи на преминување или обид за преминување на Ла Манш со мали чамци, во кои биле вклучени 20.132 мигранти, што претставува 68 отсто повеќе отколку во истиот период во 2021 година, соопшти Министерството во време кога на британска страна се заострува мигрантската политика.

Во 2021 година, обидите да се премине главно со гумени чамци од северниот брег на Франција меѓу Кале и Данкерк достигна „рекорд” од 52.000 луѓе кои се обиделе и 28.000 кои успеале, според податоците на Министерството во јануари.

Министерството соопшти дека стапката на спречени обиди постојано се зголемува и дека 61,39 отсто од обидите за преминување преку морето биле спречени, што е за 4,2 процентни поени повеќе од 2021 година и дека од почетокот на годината биле приведени 10.090 лица, што е пораст од 65 отсто.