December 1, 2020 06:54
Свет

Обезглавениот професор во Париз постхумно ќе биде одликуван со највисокото признание

Самуел Пети, француски професор по историја, кој минатата недела беше обезглавен од страна на исламски терорист, постхумно ќе биде награден со највисоката француска награда „Легија на честа“, објави министерот за образование, Жан-Мишел Бланкер.

Пети (47) беше убиен од 18-годишен Чеченец пред зграда на средно училиште во предградие на Париз во знак на одмазда бидејќи наставникот им покажувал на учениците карикатури на пророкот Мухамед , поучувајќи ги на слободата на изразување.

Посмртно, убиениот учител ќе го добие највисокото француско признание, Легијата на честа.

Убиството ја шокираше Франција, која се бори да соземе од терористичките напади, вклучително и оној врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во 2015 година, што јавноста го нарече напад врз вредностите на Република.

Национална комеморација во чест на Пети ќе се одржи в среда на Универзитетот Сорбона во Париз.

Францускиот министер за правда, Ерик Дупонд-Морети, ги отфрли сите критики дека имало пропусти во потрагата по младиот чеченски Русин кој го обезглави професорот, а потоа беше убиен од полицијата.

„Тоа е подмолна војна. Постои организиран тероризам што го следат службите, а 18-годишникот не беше опфатен од разузнавачките служби и тој изврши грозоморно злосторство во име на искривено толкување на верата“, рече министерот за „Франс Интер“.

Напаѓачот објави фотографија на исечената глава на телото на професорот на Твитер, а неговиот профил последователно беше затворен.