Македонија

Нуредини вети соработка и транспарентност во процесот за прогласување на Шар Планина за Национален парк

На иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини се одржа онлајн средба во врска со процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, на кои присуствуале претставници на граѓански организации.

Како што информираат од ресорното министерство, средбата имала за цел да информира за тековните и планираните активности во постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк и на истата било најавено потпишување на Меморандум за соработка со засегнатите чинители, со кој ќе се официјализира начинот на соработката.

Министерот Нуредини во воведното обраќање нагласил дека прифаќањето на Иницијативата од страна на Владата значи интензивно и амбициозно работење на завршување на процесот, за што е потребна соработка и силно партнерство на институциите со граѓанските здруженија.

„Целта на овој првичен состанок е да седнеме заедно. Нашите експерти да ве информираат до каде сме стигнати, што планираме да направиме во иднина и да се обидеме да работиме заедно за да ја постигнеме заедничката цел“, изјави Нуредини најавувајќи целосна транспарентност и споделување на информациите како најдобар начин за градење на добра соработка.

Иницијативата на овој првичен состанок главно била во правец на продлабочување на соработката со граѓанските здруженија кои делуваат на полето на заштита на животната средина и одржливиот развој, а во насока на доработка на Планот за комуникација и неговото натамошно спроведување, информираат од ресорното министерство.