Балкан

НУНС: Во Србија е загрозена слободата на изразување и безбедноста на новинарите

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) денеска протестираше поради „брзоплетите” одлуки на државата, „злоупотребата на државните органи и судството и нападите на провладините медиуми врз независните новинари” и ја предупреди јавноста за растечкото нарушувања на слободата на изразување, безбедноста на новинарите и протокот на навремените информации.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението на НУНС се оценува дека приведувањето на новинарката на порталот Нова.рс, Ана Лалиќ, повикувањето на апсење на новинарката на весникот Данас, Снежана Чонградин и таргетирањето на новинарката и уредникот на ТВ Н1 Жаклина Таталовиќ и Југослав Косиќ, се јасни показатели за стеснување на просторот за професионалното известување.

-Оправдано се плашиме, вонредната состојба заради коронавирусот да не добие форма како вонредната состојба за време на бомбардирањето во 1999 година, бидејќи многумина од актерите од тоа време денес се повторно на власт и уште еднаш ги предупредуваме властите да не ја користат пандемијата за да ги стеснат медиумските слободи и да ги замолчат новинарите, наведуваат од НУНС.

Здружението на новинари ги потсети државните службеници да започнат да ги почитуваат сопствените закони, новинарите да се придржуваат кон кодексот на новинарите и граѓаните дека известувањето е во јавен интерес и тоа вклучува обезбедување на точни, навремени и објективни информации со кои можат да донесат одлуки за својот живот.

Во соопштението се наведува да загрижува објаснувањето на премиерката Ана Брнабиќ дека повлекувањето на контроверзниот Заклучок за информирањето е направен на барање на претседателот Александар Вучиќ за да не предизвика критики од претставниците на ЕУ и ОБСЕ, а не заради сериозното кршење на српскиот устав и закони.

Во соопштението се истакнува дека на новинарката Ана Лалиќ и е претресен станот и дека е уапсена поради текст за Клиничкиот центар на Војводина и дека на Снежана Чонградин и се заканувал со затвор лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ.

-Државните органи не преземаат ништо за да го повикаат на одговорност за неговите отворени повици за прогон и говорот на омраза. Покрај тоа, евидентно е дека властите се сочувствителни на неговото недолично однесување и нападите врз новинарите, се оценува во соопштението.

Се додава и дека Таталовиќ и Чосиќ се обележани како непријатели на сите лекари во Србија од страна на весникот „Информер”, бидејќи новинарката на ТВ Н1 постави неколку прашања на прес-конференцијата на Кризниот штаб.

-Одмерените и професионално поставени прашања, упатени во јавен интерес, беа протолкувани како провокација и напад врз стручњаците, а со самото тоа и како вознемирување на граѓаните и поткопување на државата, соопшти НУНС.