December 14, 2019 16:41
Македонија

Нотарската комора и Агенцијата за катастар потпишаа Меморандум за соработка

Нотарската комора на Република Северна Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности потпишаа Меморандум за соработка, со цел уредување на досегашната и идната меѓуинституционална соработка која ќе придонесува за организирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на страните, која пред се е од интерес и во служба на граѓаните и полесно и поефикасно остварување на нивните права и интереси.

Меморандумот вчера го потпишаа директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев и претседателот на Нотарската комора Васил Кузманоски.

Меморандумот за соработка, како што информираат од Нотарската комора, е склучен во согласност со надлежностите утврдени во Законот за катастар на недвижности и Законот за нотаријатот, во духот на заемната меѓуинституционална соработка која ќе придонесува за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на двете страни, преку размена на знаење, искуства, меѓусебна техничка поддршка, одржување на редовни работни состаноци и обуки.

Од Нотарската комора посочуваат дека Меморандум што се склучува врз основа на принципите на законитост, професионалност, транспарентност, стручност, ефикасност и сервисна ориентација уредува доста позитивни аспекти во насока на подобрување на професионализмот, стручноста и ефикасноста во работењето на страните.

-Со моментално воспоставениот Катастар, сметам дека, денес, Република Северна Македонија, може да се пофали со доста напреден и современ катастарски систем, во кој нотарите се неминовен и еден од главните чинители во неговото постоење и одржување. Сето ова е резултат на одличната институционална соработка, која се надеваме дека ќе продолжи и во иднина, и на некој начин ќе допринесе за остварување на залагањата на Република Северна Македонија за имплементирање на стандардите на европските земји, а со тоа и приближување и влез во Европското семејство, посочил Кузмановски.

Истовремено, тој изразил благодарност до директорот на Агенцијата за неговата поддршка и спремност за заедничко делување на двете институции во секој сегмент што ја опфаќа оваа материја, а непосредно се однесува на нотарите, затоа што само на ваков начин и преку ваква соработка може да се изгради функционален систем, кој е и ќе биде во служба на граѓаните.

-Денешниот момент е доказ дека добрата соработка помеѓу Агенцијата и нотарите ќе биде продолжена. Нотарите како професионални корисници на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности преставуваат клучна алка за спроведување на сите оние промени по однос на сопственоста, запишување на хипотеки и се она што е во делокруг на нотарите. Битен сегмент и од исклучителна важност за Катастарот е мислењето на професионалните корисници, а посебно на нотарите затоа што граѓаните преку нотаријатот ги остваруваат своите права во однос на своите имоти, нагласил Тунџев.

Република Северна Македонија, како што додал, по однос на соработката помеѓу нотаријатот и Агенцијата за катастар не предничи само во регионот туку и во цела Европа.

Нови вести

Одбраната и Армијата активно се вклучија во еко-акцијата

Igor

Зголемен е бројот на субвенции за печки на пелети и инвертер клими во Кочани

Valentina

Заев: Прво конуслтации во СДСМ и со малите партии, потоа одлука за ДУИ

Valentina